Ворнок: Стартот врз Миовски беше обид за убиство!

Менаџерот на Абердин, Нил Ворнок, изрази разочарување од неколку судиски одлуки на натпреварот против Хибернијан, кој заврши со нерешен резултат, 2-2. 

Новиот стратег на шкотскиот клуб во разговор со новинарите рече дека Абердин заслужил пенал во моментот кога противничкиот голман остро стартуваше врз нашиот репрезентативен центарфор, Бојан Миовски. 

„Очигледно е дека Бојан прв ја допира топката, а потоа врз него следува остриот старт. Секој што ја познава фудбалската игра во овој случај би досудил пенал. За мене тоа не беше фаул, туку обид за убиство. 

За жал, има многу судии кои добиваат соодветна обука, но никогаш не биле активни фудбалери и не ја разбираат играта во целост. Се надевам дека ваквите ситуации нема да се случуваат често во иднина“, изјави Ворнок. 

Со ремито против Хибернијан, Абердин стигна до 27 бодови во шкотскиот Премиершип и уште има шанса за пласман во плеј-офот. Нашиот Бојан Миовски овој пат не се запиша во листата на стрелците, но сѐ уште е најдобар стрелец на тимот со 13 првенствени голови.