ВИДЕО: Ворд-Праус ја преслика магијата против Јунајтед и го расплака Тотенхем! 

Екипата на Тотенхем и покрај големиот пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите, во домашниот шампионат продолжува да ги разочарува своите фанови и го запиша третиот пораз на последните четири натпревари во Премиер лигата. 

Пред момците на Маурицио Почетино (поради суспензија денес совети делеше од трибините) застана храбриот Саутемптон, кој преку пресврт славеше голема победа од 2-1. Хари Кејн во 26. минута го совлада Ган и донесе водство на својата екипа, но „светците“ не се предадоа и во второто полувреме преку Валери го најавија пресвртот, кој подоцна беше потврден со нова магија од слободен удар на Ворд-Праус за конечни 2-1.

Од попладневната програма на Премиер лигата највозбудливо беше на „Сент Џејмс Парк“, каде Њукасл анулира негатива од 0-2 и забележа победа од 3-2 на дуелот против Евертон. Калверт-Левин и Ричарлисон ги постигнаа головите за „карамелите“, додека за Њукасл стрелаа Рондон и Ајозе Перез (2).

Фудбалерите на Кардиф запишаа значајни три бода во борбата за опстанок, откако со сигурни 2-0 го совладаа тимот на Вест Хем Јунајтед. Големата победа на велшкиот премиерлигаш му ја донесоа Хоилет со гол во првиот дел и Камараса на стартот од второто полувреме. Со овие три бода Кардиф се остана на 18. позиција, последна која води во Чемпионшип лигата идната сезона, но сега заостанува само два бода во однос на Барнли. 

На останатите натпревари Лестер Сити со 3-1 го совлада Фулам, а Хадерсфилд пред своите гледачи со 0-2 загуби од Борнмут.