Волтемаде: Англија е една од најдобрите селекции, но овој трофеј е наша цел

Младинската репрезентација на Германија ќе ја предизвика Англија за трофејот на Европското првенство за играчи до 21 година. Во пресрет на финалето на прес-конференцијата освен селекторот Ди Салво, зборуваше и еден од носителите на играта Ник Волтемаде.

„Работевме многу долго за да стигнеме тука, ова беше целта на изминатите две години. Едвај чекаме да го играме ова финале во убава атмосфера. Сите се познаваме добро, а ова е уникатна шанса за нас. Не се играат европски финалиња често во кариерата, особено во категорија до 21 година.

Англија е еден од најдобрите тимови на турнирот. Многу нивни играчи настапуваат во Премиер лигата. Сепак, и ние имаме квалитет. Мора во секое време да ги паметиме основите, да трчаме многу и секој да го покаже својот квалитет. Патот беше долг, две години минаа многу бргу. Ние станавме едно и се сплотивме, а тоа не се случува секогаш во младинскиот фудбал. Имаме многу натпревари заедно и веруваме во себе“, изјави Волтемаде.

За крај, тој доби прашање за трката за најдобар стрелец на турнирот. Во моментов Германецот има два гола предност пред Харви Елиот, па кажа: 

„Не ми пречи да бидам најдобар стрелец, ама најважен е трофејот. Ако можам да помогнам на патот би било одлично, меѓутоа победата е императив. Ќе бидам среќен дури ако Елиот даде три гола, а ние победиме“.

Финалето во Братислава е на програмата вечерва во 21:00 часот.