Волфсбург се раздели со тренерот кој забележа само две победи во Бундеслигата

Фудбалскиот клуб Волфсбург донесе одлука да се раздели со шефот на стручниот штаб Пол Симонис, откако тимот забележа шест порази во последните седум натпревари во Бундеслигата.

Симонис, 40-годишниот холандски стратег, пристигна во Волфсбург летово од клубот Гоу Ахед Иглс. Стартот беше ветувачки, со пет освоени бодови во првите три првенствени средби. Сепак, позитивниот почеток брзо згасна, затоа што „волците“ останаа само на два триумфа во вкупно десет одиграни натпревари. 

Дополнителен удар за клубот беше елиминацијата од Купот на Германија, каде што Волфсбург загуби на домашен терен од второлигашот Холштајн Кил во втората рунда.

Според германските медиуми, пресуден бил поразот од Вердер Бремен (2-1), меч кој Волфсбург водеше до 83. минута, но сепак загуби на крајот. 

По десет кола во новата сезона на Бундеслигата, Волфсбург има само осум бода и се наоѓа два бода над зоната за испаѓање. Раководството на клубот најави дека наскоро ќе соопшти кој ќе ја преземе функцијата на отпуштениот Симонис. 

ФОТО/PHOTO: WFL Wolfsburg