ВИДЕО: Волејот на Силва го сруши Вест Хем, Сити гостува на „Олд Трафорд“ со +8

Maнчестер Сити и Вест Хем на „Итихад“ одиграа борбен дуел за затворање на 15. коло на Премиер лигата, а со нов гол во финишот како против Хадерсфилд и Саутемптон, екипата на Гвардиола славеше со 2-1 (0-1). Ова е 13-та победа по ред во Премиер лигата за Сити, со што се израмни со Челзи на вечната листа и му недостига само една победа за да му се придружи на Арсенал на врвот.  

Најзрелата шанса ја имаше Давид Силва во 25. минута, но Адриан ја ифрли топката во корнер. „Чеканите“ возвратија со ударот од тежок агол на Ланцини, кој Едерсон го одбрани. Дејвид Мојс уште пред одморот мораше да менува, бидејќи Кујате се повреди, а го замени сонародникот од Сенегал, Сако.

Сепак, во судиското надополнување на првиот дел, домашната одбрана заборави на Огбона, кој го надскока Отаменди и Италијанецот го совлада Едерсон за водство на „чеканите“. 

„Граѓаните“ со голема иницијатива го почнаа вториот дел и Де Брујне се закани од слободен удар. Во 57. минута Белгиецот мина по десната страна и центрираше по земја, а Отаменди ја втурна топката во мрежата на Адриан (1-1). 

Во 71. минута по ударот на Габриел Жесус, Адриан одби, а Стерлинг се сплетна и не ја искористи укажаната можност. Иницијативата на лидерот кулминираше во 83. минута, кога Де Брујне го проигра Давид Силва, а Шпанецот со акробација ја погоди мрежата на Вест Хем  за прво домашно водство.  

Воочи првото градско дерби оваа сезона, следната недела на „Олд Трафорд“, Манчестер Сити  има високи осум бода повеќе од Манчестер Јунајтед