• Зоран Мишевски
Поради доцнење со визната документација, тренерот Артим Положани ќе ѝ се приклучи на екипата на Шкендија на денот на натпреварот против Хибернијан, па на официјалната прес-конференција пред медиумите говореше неговиот помошник Куштрим Вока.
„Хибернијан е специфичен противник, пред сè поради физичкиот стил на игра кој е карактеристичен за британскиот фудбал. Сепак, убедени сме дека ќе одговориме на вистински начин. Барањата на шефот на стручниот штаб се јасни и останува тоа да го спроведеме на терен. Веруваме дека ќе се вратиме дома со позитивен резултат“, изјави Вока.
Тој истакна дека атмосферата на трибините нема да претставува дополнителен притисок за неговата екипа.
„Игравме и претходно пред голем број навивачи, против силни европски клубови. Нашиот фокус е исклучиво на играта и на задачите што треба да ги исполниме на теренот“, додаде помошникот на Положани.
Говорејќи за амбициите на тимот, Вока нагласи дека Шкендија ќе се обиде да го наметне својот препознатлив стил на игра.
„Хибернијан и Шкендија имаат различен начин на игра. Нашата цел е да го наметнеме нашиот стил и да одиграме натпревар каков што посакуваме“, рече тој.
Во однос на играчкиот кадар, Вока потврди дека единствено Бојан Димоски нема да биде во комбинација за настап.
„Екипата е речиси комплетна. Димоски нема да биде подготвен за настап, додека сите останати се на располагање. Нашата сила е во колективот, а тоа го покажавме и на претходните европски натпревари, кога токму играчите од клупата носеа разлика“, заклучи Вока.
Првиот натпревар од третото квалификациско коло во Конференциската лига меѓу Хибернијан и Шкендија ќе се одигра в четврток во Единбург со почеток од 21:00 часот по македонско време.

