• Горан Упале
Победата на Спортинг од 3-2 над Санта Клара во Купот ги разгоре страстите во португалскиот фудбал. Шампионот голот за израмнување на 2-2 го постигна во 16. минута од судиското продолжение по еден многу контроверзен фаул на работ од шеснаесетникот, што беше доволно за судијата, веројатно само за него, да досуди пенал.
Потенцијалниот пенал беше прегледува дури дванаесет минути, што сигурно е рекорд во светскиот фудбал, а потврдата ја даде главниот судија, кои исто така ја прегледуваше ситуацијата. Луис Суарез беше прецизен од пенал за 2-2, а потоа во продолжението Фотис Јоанидис му донесе победа на Спортинг и пласман во следната фаза од натпреварувањето.
Недолго потоа, градскиот ривал на Спортинг, Бенфика, реагираше и се огласи за контроверзната победа на „лавовите“.
„Уште една скандалозна епизода. Она што се случи во овој натпревар од Купот на Португалија на Азорските Острови е неоправдано и неприфатливо за кредибилитетот на португалскиот фудбал. Дванаесет минути за да се прегледува една ситуација за пенал за да му се помогне на истиот тим како и секогаш, одново и одново“, меѓу другото стои во објавата на Бенфика.
По настаните на Азорските Острови и изјавата на Бенфика, тензијата во португалскиот фудбал дополнително се зголеми и веројатно нема да стивне пред вториот дел од сезоната во кој се очекува голема битка на теренот и надвор од него.






