„Војна“ на Вардар и Грнчаров: Тешки зборови од клубот за капитенот!

Бобан Грнчаров е вардарово дете и доскорешен капитен на тимот, арно ама по една објава на социјалните мрежи, предизвика лавина реакции и воедно предизвика реакција од најтрофејниот фудбалски клуб Вардар.

Некогашниот репрезентативец потенцира дека Град Скопје нема должност да го спаси фудбалскиот тим, дека тоа оди на адреса на „еден човек“ (Самсоненко н.з), а исто така го спомена и ракометниот клуб каде завршиле дел од средствата кои дојдоа како премија со пласманот во Лига Европа.

„Многу ми е смешно кога гледам коментари дека Град Скопје треба да помогне на ФК Вардар. Како прво како Вардар бара помош од Град Скопје кога должи над два милиони евра. Зошто кога земаа пари од Европа, повеќе од пет милиони евра, не кажаа ајде ќе поделиме со Град Скопје, па утре-задутре ќе ни помогнат и тие. Вардар е приватен клуб и кога зема пари и кога треба да се дадат пари. За ова што се случува единствено е виновен еден човек, и тој треба да го реши тоа сам (се надеваме дека денес ќе го реши и Вардар ќе добие лиценца). А второ парите што ги земаа од Лига Европа се во РК Вардар, така што сега нека бараат помош од таму“ , напиша на својот Фејсбук профил Грнчаров.

Пристигна реакција и од фудбалскиот клуб Вардар, од каде го нападнаа некогашниот капитен и за него паднаа тешки зборови. Во соопштението напишаа дека заработил над 400.000 евра, а дека важел за преплатен играч кој правел раздор, проблеми и нечесни игри.

„Почитуван г-дин Бобан Грнчаров

Вие како фудбалер бевте дел од Вардар во период од 4 години. Вашата определба да бидете професионален спортист веруваме дека Ве отргнала од намерата да се едуцирате при што покажувате тотална неукост и познавање за  да коментирате теми поврзани со економија и финансиски менаџмент, раководењето на ФК Вардар или било кој друг спортски колектив. Во контекст на горенаведеното сте неинформирани и пласирате непроверени информации во јавноста. Но, секако, можевте да се консултирате пред да објавите небулозни податоци, а ние секако ќе Ви излезевме во пресрет со документација, која сега ние ќе ја презентираме, а, секако истата е јавно достапна и на увид на секој заинтересиран.

Кусо предавање на темата за која сте коментирале, а, е далечна за Вас. ФК Вардар во сезоната 2017/18 оствари историски подвиг со пласманот во Лига Европа. Во таа сезона буџетот на клубот изнесуваше 5,3  милиони евра. Приходите остварени по сите основи вклучувајчи ја и УЕФА изнесуваа 3,6 милиони евра. Разликата која се јавува во тековната 2017 година, но и во сите останати години  е надополнета со лични средства од г-дин Самсоненко. Вие ги презентиравте само средствата кои се по основ на приходи, а, никаде не кажувате дека тој клуб има и расходи многу поголеми од влезните средства.  Да, точна Ви е констатацијата дека дел од тие средства завршија во РК Вардар како позајмица, но тие средства подоцна се вратени назад и тоа повторно од г-дин Самсоненко, за што постои документција која може да го поткрепи нашето излагање. Средствата кои Вие ги споменувате дека се дадени како позајмица на РК Вардар а како што наведовме предходно истите се вратени во ФК Вардар, помогнаа за освојување на 2 титули во Ракометната Лига на шампиони, резултат кој можеби Ви пречи на Вас но тој успех преставува огромна  радост за цела Македонија.  

Лично Вие г-дин Грнчаров за Вашиот престој во клубот имате заработено 25.920.000 денари или 421.470 еур од ФК Вардар - лично од г-дин Самсоненко. Иако според сите спортски работници Вие бевте преплатен. За време на Вашиот престој во клубот бевте капитен со сета одговорност која произлегува од  таа функција, но Вие сте и добро познат на целокупната спортска јавност како играч кој постојано правеше раздор, проблеми и нечесни игри во клубот и надвор од него. За жал и по Вашето заминување во спортска пензија, во континуитет продолжувате во ист стил да „роварите“ во клубот кој ве порасна како фудбалер и каде ја завршивте вашата кариера. Единствена разлика е што сега тоа го правите преку вашиот спортски портал и користејќи ги социјалните мрежи ...

Жално и срамно!
Спортски Поздрав
Администрација на ФК Вардар“

Бобан Грнчаров потекнува од фудбалските школи на Вардар, играше за првиот тим од 1999 до 2000, па почна богата интернационална кариера за почит каде ги носеше дресовите на екипи како Гент, АПОЕЛ, Ботев... за повторно да се врати меѓу „црвено-црните“ во 2014 година, а кариерата да ја заврши во 2018 година.