ВИДЕО: Воинствено реми на Струга и Гостивар крај езерото!

Струга Трим Љум и Гостивар одиграа реми (2-2), во рамките на осмото коло на Првата македонска фудбалска лига. Дербито крај Охридското езеро на крајот заврши со најреалниот исход бидејќи стружани одиграа паметно и ги користеа шансите, а гостиварчани ја имаа иницијативата.

По израмнетиот старт на натпреварот домаќинот успеа да стекне предност. Ланре Кехинде доби топка низ средината, одлично ја прими и се најде во гол-шанса, па го матира гостинскиот голман за 1-0 во 25. минута. Гостивар тргна по израмнувањето со офанзивна игра, а успеа да ја исполни целта. Ајдоган „потегна“ од преку 20 метри, топката бегаше од голманот Ќосевски и заврши во малата мрежа за 1-1 во 36. минута. Во судиското продолжение, во втората дополнителна минута по корнер на Јевтовски топката падна на втора статива и Компаоре ја смести во мрежата за нова предност на шампионот (2-1). 

Гостивар во второто полувреме почна да притиска, се редеа шанси пред голот на стружани, меѓутоа голманот Ќосевски беше присебен. Струга мирно чекаше во својата половија шанса за контри, а во таква ситуација Кехинде ја имаше најдобрата можност. Сепак, голманот Ерсу со помош на стативата рачисти и го одржа својот тим во игра. 

Во финишот гостинскиот притисок порасна, двојна шанса имаа гостиварчани. Биеше Ивановски од шеснаесетникот, а Ќосевски со атрактивна парада одбрани. Одбиената топка заврши кај Симоновски, меѓутоа и неговиот удар го скроти голманот на стружани. Отпорот пукна во 85. минута, а одново главни актери беа истите двајца од претходната акција. Ивановски нафрли на пеналтикот, додека Марко Симоновски добро се ослободи од чуварите и остана сам, па со глава погоди за 2-2. Страстите зовреа, дојде до мешаници пред клупите и судиите имаа полни раце работа. Рестартот на мечот беше одложен, а потоа се даде и долго судиско продолжение.