• Горан Упале
Поради големата трагедија во Кочани, во која животот го загубија голем број млади луѓе, една седмица спортот ќе биде стопиран во Македонија. Натпреварите во домашните лиги се одложени, а единствено македонските репрезентативци ќе мораат да ги извршат своите обврски на меѓународна сцена и да го одиграа натпреварот на гости кај Лихтенштајн.
Во знак на почит и солидарност од Фудбалската федерација на Македонија информираа дека медиумските активности на фудбалерите ќе бидат сведени на минимум. Исто така во соопштението е наведено дека одложени се пријателските натпревари на фудбалерите до 16 години против Естонија во Скопје.
„Поради големата трагедија во која животот го загубија многу млади луѓе, Фудбалската федерација на Македонија, во знак на почит и солидарност, праќа информација дека медиумските активности со фудбалерите од репрезентацијата на Македонија ќе бидат сведени на минимум, односно само на неопходните обврски. Исто така, одложени се пријателските натпревари на Македонија до 16 години кои требаше да се одиграат со Естонија во Скопје. Ви благодариме за вашето разбирање во овие тешки моменти“, стои во соопштението на ФФМ.
Натпреварот меѓу Лихтенштајн и Македонија се игра в сабота, со почеток од 15:00 часот.