Во Тотенхем 13 позитивни на ковид-19: „Исплашени сме, сите имаме семејства“

Антонио Конте, менаџерот на Тотенхем, соопшти катастрофални вести поврзани со ростерот на лондонскиот клуб. На денешната прес-конференција италијанскиот стратег потврди дека осум фудбалери од тимот и пет членови на стручкиот штаб се позитивни на коронавирус.

Уште во текот на вчерашниот ден се шпекулираше дека во редовите на Тотенхем има неколку заразени фудбалери, но никој не очекуваше толку висока бројка. Сепак, без разлика на корона-хаосот, кој владее во лондонскиот клуб, Конте истакна дека натпреварот со Рен во Конференциската лига нема да биде одложен.

„Секој ден имаме сè повеќе ковид-позитивни фуфбалери. Сите сме малку исплашени, сите имаме семејства. Моето прашање е зошто мораме да се најдеме во таква ризична ситуација. Двајца денес, а утре колку?  Не знам...

Сите бевме во контакт со членовите на нашите семејства. Денес е невозможно да се зборува за фудбал. Оваа ситуација многу ме вознемири, бидејќи е многу сериозна. Имаме голем број на заразени членови на клубот“, вели Конте.

Лондонскиот гигант, кој се смета за најголем фаворит за титулата во новото натпреварување на УЕФА, утре го игра клучниот натпревар од групната фаза и не смее да си дозволи нив кикс против Рен, бидејќи може да остане без пласман во следната фаза.