Во Серија А ќе биде забрането собирање и протестирање на одлуките кај судиите

Клубовите од италијанската Серија А и нејзините челници се покажаа како најпретпазливи при одлуката околу рестартот на фудбалот по корона-кризата. 

Оваа земја беше во огромна мера погодена од вирусот, па очигледно е зашто се внимава на секој детал при создавањето на здравствен безбедносен протокол. 

Очекувано, на мечевите нема да има маскоти ниту традиционалното ракување, клупите за резерви ќе бидат разредени, но нема да смее ниту да се приговара кај судијата. Во протоколот ќе биде вметната клаузула според која забрането ќе биде собирање на фудбалерите околу арбитрите, што се случувало често кога играчите се незадоволни од одлуките. Освен тоа, дури и во текот на мечот секој играч ќе мора да одржува дистанца од околу метар и половина од судијата. 

Фудбалот по враќањето со сигурност нема да биде ист, па ниту на трибините не се очекуваат фанови во текот на оваа година.