Во пресрет на мечот во ЛШ: „Брера има имиња барани во европскиот фудбал“

Младинскиот тим на Брера од Струмица во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите ќе игра против Сараево од Босна и Херцеговина. Од таборот на босанскиот првак имаат комплименти за струмичани, тоа го потврди тренерот Џенан Хошиќ.

„Во првото прелиминарно коло од Лигата на шампионите не очекува многу тежок натпревар. Брера, поранешна Академија Пандев, е тим за кој нашата јавност малку знае, но според информациите што ги имаме има многу добри поединци. Нивните играчи настапуваат и за сениорската селекција, познати се и барани во европскиот фудбал. Кога ќе додадеме дека тимот е од просторот на поранешната држава, тоа гарантира натпревар со многу емоции и борба. Знам дека имаме квалитет, а убеден сум дека борбата за бордо дресот кај моите играчи нема да изостане“, изјави Хошиќ.

Првиот натпревар меѓу Брера Струмица и Сараево се игра на 17 септември во Струмица, додека реваншот во Босна и Херцеговина е закажан на 2 октомври. Подобриот од овој двомеч во второто коло ќе се соочи со Макаби Петах Тиква од Израел.