Во Лидс одушевени од Алиоски: Префрли ја добрата форма и кај нас!

Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски имаше одлични настапи во Лигата на нациите со Македонија. Прво даде гол на мечот против Гибралтар, за потоа да ја продолжи низата и на мечот со Ерменија, погодоци со кои ги израдува и навивачите на неговиот клуб Лидс Јунајтед.

Англичаните се доста активни на социјалните мрежи, кога се работи за фудбалот. Често ги коментираат настапите на фудбалерите од своите клубови. Знаат да претераат во критиките, но знаат и да пофалат кога се има добар настап.

Алиоски е нивна честа тема на коментар на социјалната мрежа „Твитер“, па така беше и по натпреварите за Македонија. Овој пат, тие се одушевени од крилниот фудбалер и посакуваат добрата форма да се префрли во Лидс Јунајтед.

Лидс Јунајтед бележи одличен старт во Чемпионшип лигата. Под водство на Биелса, тимот игра одлично, а тренерот кој го носи надимакот „лудак“ е прогласен за стратег на месецот во англсиката лига. Алиоски досега има два гола и две асистенции, на шест меча во Чемпионшип.