• Горан Упале

Фудбалскиот прволигаш Тиквеш летово доби нов генерален спонзор, кој најави големи амбиции во новата сезона, но... Додуша, во Кавадарци пристигнаа неколку сериозни засилувања и од домашна и од меѓународна сцена, но резултатите во новиот шампионат се далеку од очекуваните.
Имено, по три одиграни кола во ПМФЛ, Тиквеш има освоено само еден бод (два порази и едно реми), а по неочекуваниот пораз од новиот прволигаш Башкими, се појавија шпекулации за ситуацијата во таборот на кавадаречкиот клуб.
Она што ветувал Осман Таш, барем засега ништо не било остварено, а притоа фудбалерите сè уште не добиле ниту една плата. Наводно, за в петок е закажан состанок на кој градоначалникот Митко Јанчев најверојатно ќе го врати клубот под палката на Општината, за да се спаси Тиквеш од подлабоки проблеми.
Засега не се знае дали ќе дојде и до промени во играчкиот кадар, поточно дали некои од засилувањата веднаш ќе си заминат, затоа што со новото раководство имале вклучени богати договори со високи плати.
Пред почетокот на подготовките за новата натпреварувачка сезона, новиот газда акцент ставил на модернизација на тренажниот процес, професионален пристап кон фудбалерите, со максимална посветеност и влог во младите категории, но сето ова, барем засега, остана на празни ветувања. Исто така, нема ништо од најавуваниот голем фан-шоп во центарот на Кавадарци.




