Во детството копал јаглен со татко му, а денес е светски шампион во фудбал

Многу врвни спортисти потекнуваат од сиромашни опкружувања и семејства. Такви примери имало многу низ годините, а еден од нив е и случајот на легендарниот аргентински репрезентативец, Анхел ди Марија. 

Играчот на Бенфика стекна светска слава играјќи за големи гиганти како Реал Мадрид, ПСЖ и Манчестер Јунајтед, но неговиот живот не секогаш бил таква „бајка“. Ди Марија во детството живеел во голема сиромаштија, а неодамна за првпат изнесе и повеќе детали пред аргентинските медиуми. 

„Имавме покрив над главите, но тоа не беше доволно. Моето семејство живееше во сиромаштија, а татко ми копаше и продаваше јаглен. Јас како мал одев со него и му помагав, без разлика дали е студено и дали врне, едноставно моравме да го работиме тоа за да преживееме. 

Ако татко ми не продадеше јаглен тој ден, немаше да имаме храна на масата. Силно верував дека еден ден нештата ќе се променат на добрата страна, а потоа тоа се случи преку мојата фудбалска кариера. Кога ќе погледнам наназад, мислам дека сите мои успеси ги должам на овој прекрасен спорт. 

Дел од тренерите не веруваа во мене, но јас го докажав спротивното. Имав прилично квалитетна кариера и успеав да обезбедам прекрасен живот за моите најблиски. Погледнете што успеавме последниве години, триумфиравме на Копа Америка и станавме светски шампиони. Повеќе од тоа не можам да посакам“, изјави Аргентинецот. 

Анхел ди Марија ја започна својата кариера Розарио Централ, а потоа замина во Европа и оттогаш блесна со сиот сјај, играјќи за Реал Мадрид, ПСЖ, Манчестер Јунајтед, Бенфика и Јувентус. Вкупно во кариерата освои 34 важни трофеи, меѓу кои и оној во Лигата на шампионите.