Во чест на Адеми, Динамо привремено го повлече дресот со број пет!  

Аријан Адеми неодамна го одигра последниот натпревар за Динамо Загреб, а клубот му оддаде почит на својот поранешен капитен. Адеми својата кариера ќе ја продолжи во кинески Пекинг Гуан.

Македонскиот репрезентативец за време на долгогодишниот мандат на „Максимир“ се здоби со статус на клупска легенда, а долго време ја носеше и капитенската лента која го одбележа неговиот мандат во Загреб.

Динамо објави соопштение, кое е спротивно на нивните воспоставени принципи. Имено, никому во историјата на Динамо не му е повлечен бројот од употреба, затоа што, како што велат на „Максимир“, низ клубот поминале премногу легенди.

Сепак, Адеми доби посебна чест. 

„Ова е мал знак на благодарност што можеме да му покажеме на Аријан за сè што направи во последните тринаесет години. На овој начин Динамо уште еднаш реши да го истакне значењето на нашиот капитен за клубот, како и значењето на Аријан Адеми за сите идни генерации кои со гордост ќе го носат грбот на Динамо на своите гради“, се вели во соопштението.

Неговиот дрес со број пет ќе биде надвор од употреба сè додека Адеми е активен фудбалер. Односно до неговото пензионирање бројот пет ќе остане резервиран за него.