ВМФЛ-Запад: Воска го доби бледиот Вардар, Силекс сигурен со Охрид (ВИДЕО)

Фудбалерите на Воска Спорт се радуваа во дерби-дуелот со Вардар со 2-1 (2-0), во рамките на 12. коло од Втората македонска фудбалска лига - Запад. Во директната пресметка за втората позиција на табелата, охриѓани ги надминаа проблемите и со два погодоци во првиот дел му пресудија на „црвено-црниот“ тим од Скопје. 

Натпреварот во Охрид тргна со погодок на Изаир Емини по само три минути игра. Воска Спорт прва зададе удар во дербито за второто место, па на потег беа гостите. Вардар не успеа да наметне свое темпо, дуелот често беше прекинуван со прекршоци, а имаше и една мешаница. Пред паузата, Емир Алиу ја искористи ужасната интервенција на голманот Филип Илиќ, кој практично му ја остави топката на пеналтикот, а играчот на Воска погоди за 2-0 во 43. минута.

<<< - ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Тензии на дербито меѓу Воска и Вардар – мешаница, туркање и судири во Охрид

Во второто полувреме од натпреварот, иако избраниците на Глигоров се обидоа да се вратат во натпреварот, долго немаше возбудувања. Вардар се врати резултатски во 87. минута од натпреварот преку Трајче Стојковски. По центаршут на Глишиќ, со глава се обиде Филип Петковски и изнуди одбрана на голманот, но топката се одби до резервистот Стојковски кој погоди за 2-1.

Кратовски Силекс одигра според планот и со леснотија го победи Охрид на свој терен со (3-0). Лидерот на табелата во западниот дел на втората лига повторно покажа сигурност. Резултатот со Охрид го отвори Антонио Каланоски по девет минути игра, а до паузата удвои Ѓорги Танушев. Во продолжението Силекс не притискаше премногу, играше мудро и чуваше сили ама пак дојде до трет гол. Мрежата на охриѓани вторпат денес ја стресе Каланоски, поставувајќи ги конечните 3-0 во 74. минута. 

На останатите терени Тетекс се радуваше во Скопје кај Кадино (0-1) со голот на Дамјан Масевски. Реми со по еден гол одиграа Беса и Гостивар (1-1), а стрелци беа Егзон Азири и Артан Велиу. Најефикасен дуел на западот беше нерешениот исход на Велешта и Кораб (2-2). Гостите поведоа со головите на Берат Исмаил и Ујкан Муча, ама Арбен Тафа и Нијас Лена освоија бод за Велешта.

Силекс е апсолутен лидер на западот со 34 бода, пред Воска која има 25, додека по ова коло Вардар остана трет со 20 бода.