ВМФЛ-Запад: Вардар го реши Охрид, прв кикс на Силекс (ВИДЕО)

Лидерот во Втората лига - Запад, екипата на Силекс, неочекувано го забележа првиот кикс на гостувањето кај Гостивар и одигра 2-2, но, сепак, останува на врвот и е далеку од конкурентите.

Избраниците на Горазд Михајлов за првпат се најдоа во ситуација да мора да се враќаат од негатива оваа сезона, иако први го отворија реузлтатот во 19. минута со голот на дефанзивецот Стојан Стојчевски. Гостивар по примениот погодок изедначи преку Љавдрим Скендери во 34. минута, а комплетен резултатски пресврт направи Агон Елмази во 50. минута. Гостинот до бод на гостувањето дојде во 62. минута кога во листата на стрелците се запиша Ѓорѓи Танушев.

Вардар одигра допадлив натпревар и имаше комплетна контрола против Охрид, кого го совлада со 2-0. Стрелци за „црвено-црните“ на овој натпревар беа капитенот Дејан Блажевски во 15. минута со убав гол од далечина, како и Дарко Грозданоски во 75. минута. Од голема помош за домашните на овој меч беше црвениот картон на Љупчо Трпески во 43. минута.

Воска Спорт беше убедлива со Кадино и му даде „петарда“ (5-0). Изаир Емини и Бехар Фета реализираа по двапати, додека еднаш погоди Игор Паноски. Единствениот меч без победник беше оној на Велешта и Беса (1-1).

Силекс остана лидер на табелата со 18 бода, пред Воска Спорт која има 15, Кораб со 14 и Тетекс со 13. Вардарци пак, не профитираа со позиции ама дојдоа до двоцифрен број бодови, па сега имаат 11 на петтото место.