ВМФЛ-Запад: Вардар го доби „братското дерби“ со Тетекс, победи и за Силекс и Воска (ВИДЕО)

Фудбалерите на Вардар ја продолжија добрата серија и го запишаа третиот триумф во низа. „Црвено-црните“ славеа во „братското дерби“ во Тетово против Тетекс со 0-3 (0-3), во рамките на осмото коло на Втората македонска фудбалска лига - Запад. 

  • Тетекс - Вардар 0-3: 

Во одлична атмосфера, пред збратимените навивачки групи „Војводи“ од Тетово и „Комити“ од Скопје, вардарци прокнижија нови три бода. Избраниците на Никола Глигоров одиграа според планот во првото полувреме. Резултатот на „Градскиот стадион“ во Тетово го отвори Филип Петковски, по 14 минути игра со глава стрелаше за 1-0.

Предноста ја удвои Вилдан Керим по добро одиграна акција на Дејан и Мартин Блажевски, остана осамен на пеналтикот и погоди. Непосредно пред полувремето конечните 0-3 ги постави токму популарниот Шиле. Блажевски со одмерен удар откосо по земја го матираше противничкиот голман во 44. минута. Тетекс во продолжението немаше сили за кам-бек, а Вардар рутински го приведе мечот кон крајот. 

Силекс долго се мачеше ама успеа да победи на домашниот дуел против Беса (1-0). Гостите во Кратово се бранеа и парираа долго, ама Силекс со погодокот на Ѓорги Танушев во 78. минута од натпреварот успеа да дојде до посакуваните три бода и да остане безбеден на врвот на табелата. 

Второпласираната Воска Спорт успеа да одржи чекор со лидерот Силекс, па славеше во „езерското дерби“ против Охрид со 1-2 (1-1). Резултатот за домаќинот Охрид го отвори Игор Клечкаровски, ама до паузата Изаир Емини израмни. Во продолжението долго немаше голови, а херој на Воска беше Игор Паноски кој во 79. минута донесе победа за својот тим. 

Екипата на Кораб е најголем „губитник“ ова коло бидејќи со поразот кај Гостивар од 4-2 ја загуби третата позиција на сметка на Вардар. Иако Мурати донесе предност за Кораб, Скендери, Гаши и Ќаили погодуваа за пресврт на гостиварци. За гостите стрелаше и Муча за да се врати неизвесноста, ама Хасан од пенал го постави конечниот резултат. До гостинско славје во Скопје кај Кадино дојде екипата на Велешта (0-1). Херој на гостите беше Нијас Лена кој уште во седмата минута погоди за водство, па немаше други резултатски промени. 

  • Кадино - Велешта 0-1:

Силекс е лидер на табелата со 22 бода, пред Воска Спорт со 18. На третото место сега поради подобра гол-разлика е Вардар, откако се израмни со Кораб со по 14 бода.