ВМФЛ-Запад: Скопје пред есенска титула, потоп на Гостивар во Велешта (ВИДЕО)

Ако минатата сезона завршија како третопласирани во прекинатиот шампионат на ВМФЛ-Запад, сезонава фудбалерите на Скопје на Љупчо Марковски грабат кон промоција во ПМФЛ и тоа како првопласирани во западната група. Тимот од Автокоманда се наоѓа на чекор од есенската титула, откако попладнево на домашен терен го совлада тимот на Охрид со 2-1 (2-2), во рамките од 13. коло. 

Уште во раната фаза двапати се тресеше мрежата на гостите и беше најавена победата. Ајрулаху со прекрасна индивидуална акција во осмата и Жоглев по мешаница по корнер во 21. минута ги постигнаа головите за домаќините. Тимот на Драган Бочески по одморот го ублажи поразот со голот на Дарко Цветановски исто така од голема гужва во петерецот во 57. минута. 

  • Скопје - Охрид 2-1: 

Гостивар сега доцни шест бода зад лидерот, откако попладнево загуби во Велешта со 2-0 (1-0). Игор Клечкароски во првото и Ермин Анруши на почетокот од второто полувреме ги постигнаа головит за изненадувањето на сезоната во ВМФЛ-Запад. 

Со голот на Трим Амраби во 41. минута, Кораб ги освои сите три бода од гостувањето кај Вардар Форино. Очигледно, нетренирањето и неиграњето минатиот викенд заради неисплатените плати остави трага кај „црвено-црните“ од Форино. Дрита и Тетекс играа без голови, а со голот на Албулен Имери во 36. минута Велазерими запиша значајни три бода во дуелот против Кадино во Кичево.  

Скопје е лидер со 30 бода, пред Гостивар со 24 и Велешта со 23 бода. До крајот на есенскиот дел во двете Втори лиги преостануваат уште три кола.