ВМФЛ-ЗАПАД: Скопје му даде шест голови на Вардар Форино, триумф и за Гостивар (ВИДЕО)

Фудбалерите на Скопје одиграа убедлив натпревар и со високи 6-0 (2-0) ги освоија бодовите против Вардар Форино во дуелот од 11 коло на Втората македонска фудбалска лига. 

Лидерот на табелата во западниот дел од првенството го одигра можеби и најдобриот натпревар сезонава, па со двата гола на Владимир Жоглев до 15. минута веќе водеше со 2-0. До паузата немаше промена на резултатот, а во вториот дел продолжија како што го отворија дуелот. По десет минути игра, Скопје доби пенал, а сигурен реализатор беше Иво Јанакиевски.

Со три брзи голови, скопскиот тим стигна до убедлива победа. Голеадата ја отвори Жоглев, кој во 65. минута го комплетира хет-трикот. Продолжи Арсим Љамаљари од белата точка, а работата ја заврши Мустафа Јусуф по лошата реакција на одбраната. 

Гостивар одржа чекор со Скопје и со победа од 3-0 (1-0) над Тетекс, остана на само бод негатива. Натпреварот на градскиот стадион во Гостивар понуди по еден гол во двете полувремиња кои беа доволни за победа против тетовскиот претставник. 

  • Гостивар - Тетекс 3-0:

Стрелец на голот во првото полувреме за гостиварци беше Генц Гаши, кој во 26. минута го отвори резултатот. Предноста од 1-0 на Гостивар беше долго активна, бидејќи на втор гол се чекаше до самиот финиш. За зголемување на предноста се погрижи Џемаил Есати, додека конечниот резултат и победата над Тетекс од 3-0 ги постави Христијан Кировски.

Велазерими го победи Кораб со головите на Ибраими и Мери (2-0) и најави вмешување во врвот на ВМФЛ-Запад. Со денешниот триумф, Велазерими собра 16 бодови, еден помалку од Кораб и котира во горниот дел од второлигашката табела. 

Екипите на Дрита и Кадино одиграа 1-1 во Боговиње, за делба на бодовите. Погодоците на овој меч паднаа рано. Домаќинот поведе преку Мухарем Мислими, а скопскиот тим стигна до бод со голот на Кристијан Ивановски. Реми без голови одиграа Велешта и Охрид.