ВМФЛ-Запад: Скопје го доби дербито со Тетекс, Гостивар со пресврт слави кај Дрита (ВИДЕО)

Фудбалерите на Скопје го добија дуелот од петтото коло во западната група од Втората македонска фудбалска лига, откако на домашен терен минимално го победија Тетекс со 1-0. Средбата на „Железарница“ меѓу лидерот на табелата и еден од тимовите кои ќе се бори за опстанок беше решен со еден погодок на домаќинот уште во првиот дел. 

  • Скопје - Тетекс 1-0: 

Стрелец на голот за Скопје беше Мустафа Јусуф во 20. минута од средбата, гол кој се испостави како довоен за трите бода да останат во главниот град. Во финишот Тетекс испушти неколку можности за да израмни и има за што да жали на крајот. 

Гостивар не заостана зад лидерот и со 1-3 славеше кај Дрита со што одржа чекор на -2 бода зад Скопје на првенствената табела. Натпреварот во Боговиње понуди мирно прво полувреме, а „фенерџијата“ во ВМФЛ-Запад му парираше на фаворитот. По паузата, Дрита успеа и да поведе преку Ерјон Хуредини во 56. минута, но радоста ја скрати Хакан Лимани две минути подоцна. Бргу Гостивар го сврте резултатот со погодокот на Малик Белули, а конечните 1-3 ги постави Христијан Кироски. 

  • Дрита - Гостивар 1-3:

Кадино го изненади Вардар во Форино и со убедливи 0-4 освои цел плен на тешкото гостување. Погодоците за скопскиот тим беа сите постигнати во првото полувреме, по кое практично се знаеше победникот. Стрелци на погодоците беа Никола Андрески, Дејан Лескароски, Виктор Димков и Марио Благојевски.

  • Вардар Форино - Кадино 0-4:

Делба на бодовите и реми од 1-1 запишаа екипите на Велешта и Кораби. Првиот дел им припадна на домаќините кои поведоа со голот на Љога, но по паузата израмнувањето за гостите и конечниот резултат го постави Алексовски. 

Реми без погодоци одиграа Влазрими и Охрид на средбата во Кичево.