ВМФЛ-Запад: Луд пресврт на Велешта во Речица, Скопје слави во градското дерби (ВИДЕО)

Фудбалерите на Скопје продолжуваат со позитивните игри во домашниот шампионат, откако во рамки од 11. коло на Втората македонска фудбалска лига – Запад со сигурни 0-1 славеа на гостувањето кај градскиот ривал Кадино

Некогашниот прволигаш во денешното дерби на Западот покажа кој е газда во Скопје и со голот на Јусуф Мустафа во 24. минута го порази домашниот тим и ја запиша осмата овосезонака победа во шампионатот, четврта во низа. 

  • Кадино - Скопје 0-1: 

Со овие три бода, Скопје останува лидер на табелата со 27 бода, три повеќе од второпласираниот Гостивар, кој денес неочекувана остана без победа против Кораби.

Иако гостиварчани беа големи фаворити за победата, за дома се вратија со само еден бод од гостувањето кај Кораб. Домашниот тим подобро отвори и преку Алексовски поведе со 1-0, но на стартот на вториот дел Стојковски беше на висината на задачата и ги постави конечните 1-1.

Највозбудливо беше во Речица, каде домашната екипа на Тетекс испушти 1-0 по првите 45 минути и со 2-3 го загуби дербито со Велешта. Пред крајот на првиот дел Лазар Пеев им донесе водство на домаќините, но Велешта на стартот на вториот дел се разигра и реализираше трипати во низа (Клечкоски и Лога (2). До крајот на натпреварот Тетекс успеа само да го ублажи поразот, откако Здравковски ги постави конечните 2-3.

Од денешната програма на ВМФЛ-Запад најубедлив пак беше тимот на Охрид, кој на свој терен не дозволи изненадување и со сигурни 5-0 го совлада тимот на Дрита. Со оваа победа, која ја донесоа Алији, Реџепи, Ѓорѓиевски и Целески (2), охриѓани на направија нов скок на табелата и сега со 19 бода е на четвртото место, веднаш зад Велешта, Гостивар и лидерот Скопје. 

Денес требаше да се одигра и дуелот меѓу Вардар Форино и Велазерими, но истиот не се одигра, поради неизлегување на терен на домашните фудбалери.