ВМФЛ-Запад: Лидерот потопен во Боговиње, Гостивар немоќен во Дебар

Дванаесет постигнати гола на натпреварите од 22. коло на западната група на Втората лига и целосен неуспех на екипите од врвот на табелата.

Лидерот Скопје, воден од Љупчо Марковски, го претрпе првиот пораз во пролетниот дел на шампионат и со поразот во Боговиње не профитираше што Велешта беше слободна во ова коло. Дрита го надигра тимот од Автокоманда со 3-2 (2-0), а головите за триумф на „црвените“ ги постигнаа Шпенд Асани во 18. минута и Елмир Алију од пенал на девет минути до одмор. Асан Алији исто така од најстрога казна зголеми на 3-0. Настевски и Јанакиевски од пенал во самиот финиш го ублажија поразот на 3-2.  

Охрид делува многу сигурно, посебно кога игра на „Билјанини извори“. Екипата на Драган Бочески на домашен терен го совлада Велазерими со 2-1 (1-0). Ѓорѓиески и Митев ги постигнаа головите за домашната екипа, а Рамадани погоди за кичевчани. Победата на Охрид добива на тежина, бидејќи Мерсоски заработи црвен картон во 41. минута и повеќе од едно полувреме домаќините играа со човек помалку.

Откако Дејан Силјановски во 14. минута заработи црвен картон, Гостивар потона на гостувањето во Дебар, каде домашниот Кораб извојува победа од 2-0 (1-0). Колеци и Зеќири беа стрелци на головите за домашната екипа. Три бода освои и Тетекс, кој на домашен терен извојува минимална победа од 1-0 против Кадино.

Слободна во ова коло беше екипата на Велешта. Скопје е лидер со 48 бода, а следат Велешта со 40 и Гостивар со 37 бода.