ВМФЛ-Исток: Брегалница и Тиквеш сигурни, реми на Кит-Го и Саса (ВИДЕО)

Лидерот во Втората македонска фудбалска лига - Исток, Брегалница продолжи да чекори сигурно по патот на успехот и се израдува на гостувањето кај Осогово со 0-2. Штипјани се апсолутен лидер во лигата, имаат 64 бодови по 23 кола и се на плус девет пред Тиквеш, па портите на првата лига се широко отворени. 

  • Осогово - Брегалница 0-2: 

Натпреварот во Кочани со Осогово беше решен со по еден гол во двете полувремиња. Домаќинот парираше во првиот половина час, а резултатот го отвори Владимир Дујовски во 33. минута. Осогово одново беше рамноправен и добро го бранеше својот гол, а тоа му успеваше до 68. минута кога Андреј Кудијан ги постави конечните 0-2. 

Сигурна победа запиша и второпласираниот Тиквеш, откако му се одмазди на Кожуф за двете овосезонски ремија и во Гевгелија победи со 0-2 (0-2). Кавадарчани поведоа уште во четвртата минута, стрелец беше Симеон Христов од белата точка, а Кристијан Ризов зголеми непосредно пред заминувањето на пауза. Кожуф немаше сили пак да го изненади Тиквеш и гостите направија огромен исчекор кон обезбедување на второто место кое води во баражот за ПМФЛ. 

Екипите на Кит-Го и Каменица Саса ги поделија бодовите, откако во Пехчево одиграа 1-1. Петтопласираната Саса успеа да поведе по само пет минути игра преку Сашо Дуков, но Бошко Ступиќ донесе израмнување во 18. Во продолжението, цврстиот натпревар не понуди нови погодоци и заврши со реми. 

Слога од Виница успеа да победи кај „фенерџијата“ Росоман (0-2), со што се приближи на два бодови до Осогово во битката за опстанок во лигата, додека Победа со 1-3 славeше кај Плачковица.