• Иван Димовски

Водечките Беса и Пелистер запишаа победи во рамките на 23. коло на Втората македонска фудбалска лига, додека Детонит Плачковица и Арсими испуштија бодови во оваа рунда. Така водечките две екипи кои директно се селат во Првата лига се издвоија на осум кола до крајот.
Екипата на Беса славеше минимално на гостувањето кај Вардар Неготино со 0-1 (0-0). Неготинчани пружија силен отпор и не му дозволија на ривалот лесно да дојде до бодовите. Домаќинот го бранеше почетниот резултат сè до 70. минута кога стрела Изаир Емини. Второпласираниот Пелистер исто така со еден гол запиша нова победа, како гостин на Скопје (0-1), а стрелец беше Михаил Талевски.
- Вардар Неготино - Беса 1976 0-1:
Детонит Плачковица не успеа да го скрши отпорот на прилепска Победа и одигра нерешени 1-1 во Радовиш. Ова е прв примен гол и први испуштени бодови за екипата на Варадиновски на домашен терен. Гостинот успеа прв да дојде до предност преку Давид Дебрешлиоски во 11. минута од натпреварот, додека израмнувањето го донесе Иван Настевски пред полувремето. Реми, но без голови одигра екипата на Арсими дома против Охрид (0-0).
- Детонит - Победа 1-1:
Беласица убедливо слави на гостувањето кај Новаци (1-3). Првото полувреме не понуди ниту еден погодок, а потоа актерите на мечот се „распукаа“.
- Новаци - Беласица 1-3:
Кожуф со погодокот на Ангел Кочев од белата точка запиша минимален триумф над екипата на Башкими во Гевгелија (1-0).
- Кожуф - Башкими 1-0:
Важна победа запиша екипата на Тетекс на гости кај Караорман од 1-4 (0-1). „Штофарите“ кои имаа поддршка на трибините и од една група на „Војводи“ одиграа одличен натпревар. Двоен стрелец беше Марио Станковски, а со овој резултат стружани паднаа на дното на табелата.
- Караорман - Тетекс 1-4:
На сметка на Караорман, едно место напредува екипата на Каменица Саса откако славеше во источното дерби против Осогово со 2-1.
Мечот во Македонска Каменица понуди два ефектни погодоци од слободни удари. Прво Дарко Алексовски во првиот дел го отвори резултатот во 37. минута, а Кристијан Танески удвои на 2-0. Во финишот на натпреварот Филип Јованов биеше преку ѕидот и го постави конечниот резултат.
Табела по 23 коло: Беса (60), Пелистер (54), Детонит Плачковица (46), Арсими (41), Охрид (37), Скопје (35), Башкими (34), Беласица (30), Вардар Неготино (28), Кожуф (28), Новаци (24), Тетекс (24), Победа (23), Осогово (20), Саса (17), Караорман (15).