ВМФЛ: МЃП и Башкими се бркаат на врвот, Победа и Новаци пред опстанок (ВИДЕО)

Најдобрите четири екипи во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) забележаа победи во рамки на 25-тата рунда од шампионатот и продолжува мртвата трка за местата кои водат во директна промоција и бараж за ПМФЛ.

Македонија ЃП останува прва на табелата со домашна победа над Детонит Плачковица (1-0). Единствен стрелец на мечот во Ѓорче Петров беше Ристе Лембовски во второто полувреме.

Три бода освои и Башкими, кој пред својата публика славеше над фенерџијата Вардарски (2-0). Двата доцни гола во Куманово беа дело на Христијан Митревски кој ефектно погоди од слободен удар во 78. минута и Хусеин Демири од пенал во 89. минута.

Победи и Арсими, кој го задржа третото место со три бода против Кожуф (1-0). Голот за три бода и задржување на позицијата која води во баражот беше дело на Шпенд Асани во 63. минута.

Минималец впиша и Брегалница, која на гостувањето кај велешки Борец исто така славеше со 1-0. Голот за „сините“ го даде Давид Калпачки во 47. минута.

Во битката за опстанок важни бодови освои Новаци во мечот со Вардар Неготино (2-0). Головите за тимот ги постигнаа Бобан Здравевски и Стефан Стефановски, двајцата стрелаа во второто полувреме.

Кон второлигашки статус и догодина зачекори и Победа, со домашен триумф над Саса во Прилеп (1-0). Златниот гол за некогашниот првак на Македонија го постигна Филип Димоски додека течеше 47. минута.

Во Струмица, екипата на Беласица беше подобра од Скопје (1-0). Единствен стрелец на „Благој Истатов“ беше Александар Коцев во 18. минута.

Единствениот меч кој заврши без победник беше оној меѓу ГФК Охрид и Осогово кој понуди четири гола и беше најефикасен попладнево (2-2). „Рибарите“ имаа 2-0 со головите на Ангел Крстески и Оливер Дишлиоски, меѓутоа Владимир Жоглев со два гола донесе бод за кочанчани.

На табелата, Македонија ЃП и Башкими се на врвот со по 56 бода, зад нив е Арсими со 54 бода. Четврта е Брегалница со 51 бод. На дното е Вардарски со 11 бода, пред него е Борец со 13 бода, па следи Осогово со 19 бода. На безбедните места се Победа и Вардар Неготино со по 27 и Новаци со 28 бода.