ВМФЛ: Лидерите според планот, Башкими го скокна Арсими (ВИДЕО)

Екипите на Македонија ЃП и Брегалница си ја остварија целта и дојдоа до победи во рамки на деветтото коло во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ).

  • Македонија ЃП - Кожуф 3-0:

„Лавовите“ дома играа дуел со Кожуф, кој го имаше епитетот на дерби, но не ги оправда очекувањата барем за гостите. Македонија ЃП славеше пред својата публика со 3-0 и останува на врвот на табелата во ВМФЛ. Алексеј Славков, Симе Христов и Матео Софијановски донесоа успех за ѓорчепетровци.

Брегалница во Штип беше подобра од Вардар Неготино, кого го доби со резултат 2-0. Головите за победа ги постигнаа Галевски и Фејзулаи, двата паднаа во првото полувреме додека течеа 7. и 36. минута.

  • Башкими - Саса 2-1:

Арсими направи кикс, одигра 0-0 на домашен терен против Скопје, а целата ситуација ја искористи Башкими кој дома ја победи Саса од Македонска Каменица (2-1) и го презеде третото место на табелата од Арсими. Стрелци за кумановчани беа Аган Сулимани и Енсар Саити, додека за Саса погоди Андреј Симевски.

  • Беласица - Осогово 1-0:

Струмичка Беласица на стадионот „Благој Истатов“ со 1-0 го победи Осогово со голот на Александар Милушев во 56. минута. Меч без голови одиграа Борец и Детонит Плачковица (0-0), додека ГФК Охрид дома беше убедлив со Вардарски (3-0) со двата гола на Сашо Дуков и едниот на Ерен Парталко. Три бода освои и Победа која дома со 1-0 славеше над Новаци благодарение на Давид Јошевски.

Македонија ЃП по девет кола е на врвот на табелата со 22 бода, пред Брегалница со 21 бод, додека Башкими е трет со 20 бода. Арсими е веднаш зад него со 19 освоени бода.