ВМФЛ: „Лавовите“ се сопнаа кај Саса, Башкими се израмни со лидерот! (ВИДЕО)

Екипата на Брегалница ја оправда фаворитската улога и со победа на гостувањето кај Осогово (2-1) и ја продолжи битката за освојување на едно од првите две места на табелата во ВМФЛ кои носат промоција во повисок ранг.

  • Осогово - Брегалница 1-2:

Победата на „Никола Мантов“ ја одбележа голот на Иван Галевски, кој во првото полувреме погоди атрактивно од далечина и покажа дека има „топ“ во ногата. Тоа беше резултат и на паузата, а во вториот дел откако Осогово израмни, Давид Калпачки ја врати предноста, па ја донесе победата за штипјани.

Македонија Ѓорче Петров одигра празно реми без голови кај Саса во Македонска Каменица, а сето тоа го искористи Башкими кој беше сигурен на домашен терен и со 3-0 славеше во мечот против ГФК Охрид, па така се израмни со лидерот. Стрелци за Башкими на овој дуел беа Хусеин Демири, Филип Алексовски и Емир Асани.

Три бода освои и Арсими, кој даде по еден гол во двете полувремиња доволни за триумф на гостувањето кај Новаци (2-0). Првиот гол го даде Аљбин Рамадани, додека вториот беше дело на Албан Таипи.

Победа пред својата публика во некогашното прволигашко дерби загуби од Беласица (0-1). Единствен стрелец за три бода за струмичани беше искусниот Александар Милушев додека течеше 70-тата минута од мечот на „Гоце Делчев“.

Два гола го одлучија дуелот во Неготино, каде Вардар Неготино доживеа пораз од Кожуф (0-2). Голема замерка на судењето имаа домашните од Неготино, кои бараа офсајд за едниот гол на гевгеличани, а потоа протестираа и за пенал. За Кожуф погодија Никола Сарески и Никола Стојков.

Вардарски на домашен терен освои важни три бода во битката за опстанок против Борец (2-0). Втората победа за тимот оваа сезона на овој дуел ја донесоа Милош Спасовски во 42. минута и Давид Ашовалиев во 78. минута.

Атрактивен со четири гола, но без победник заврши дуелот меѓу Скопје и Детонит Плачковица (2-2). За „пиратите“ стрелци беа Петре Тасевски и Христијан Кировски, а за гостите од Радовиш, реализираа Јовица Радевски и Дамјан Масевски.

  • Скопје - Детонит Плачковица 2-2:

Лидер на табелата е Македонија ЃП со 45 бода, исто колку што има и Башкими, ама кумановчани се втори заради полошата гол-разлика. Третопласирана е Брегалница со 43 бода, пред Арсими со 39 бода, а Саса има 32 бода.

Во зоната за опстанок, Вардарски има осум бода и е последен, а пред него се Борец со 10 и Осогово со 13 бода. Прв на безбедната зона е Вардар Неготино со 20 бода, исто колку што има и Новаци, а прилепска Победа е со 21 бод.