ВМФЛ-Исток: Брегалница едвај победи во Прилеп, Тиквеш се прошета во Росоман (ВИДЕО)

Втората фудбалска лига – Исток продолжува со мртва трка и по осмото коло, откако од гостувањата со победи се вратија и Брегалница и Тиквеш. На шест натпревари постигнати се само десет гола и тоа седум на натпреварите на двата ко-лидери.

Еден од двата големи фаворити за промоција во ПМФЛ, кавадаречки Тиквеш без многу проблеми извојува победа на гостувањето кај новиот второлигаш Росоман (0-4). Уште во првиот дел екипата на Цицмиловиќ дојде до значителна предност која подоцна знаеше да ја сочува.

Во интервал од само три минути погодија Ѓорѓи Мојсов и Дарко Гроздановски, а на почетокот на вториот дел Лазаров и кон крајот Вареловски ги поставија финалните 0-4. 

Штипска Брегалница се соочи со непредвидени проблеми во Прилеп против Победа. По првиот дел без голови и со мал број на шанси, Дарко Стојанов во 61. минута реализираше за водство за екипата на Добринко Илиевски. Сепак, во 75. минута Димоски со ефектен гол израмни на 1-1. Кога сите помислија дека овој резултат ќе биде конечен, Антонио Митрев во петтата минута од судиското надополнување постигна гол за победа од 1-2 и останување на врвот на табелата. „Сините“ цели 70 минути беа со играч помалку поради два последователни жолти картони на Анес Османовски уште во 22. минута. Сето тоа значително ги отежна напорите на Брегалница, која сепак беше далеку подобра и на крајот сосема заслужено стигна до трите бода.

Во Пехчево, екипата на Кит-Го сo голот на Оливер Христов поведе против Слога од Виница, но Бујчевски израмни со гол во 76. минута. Дуелот во Македонска Каменица меѓу ривалите Саса и Осогово заврши без голови. Во Радовиш, Плачковица потфрли и загуби од Кожуф од Гевгелија со 0-1.

  • Кит-Го - Слога Виница 1-1: 

  • Плачковица - Кожуф 0-1:

По осмото коло, првпат сезонава на врвот се Брегалница и Тиквеш со по 20 бода и извесно е дека двете екипи ќе водат мртва трка за промоција во ПМФЛ.