ВМФЛ-Исток: Борец граби кон ПМФЛ, „покер“ на Бујчевски за убедлива победа за Кит-го

Фудбалерите на Борец повторно докажаа дека немаат конкуренција во ВМФЛ-Исток и во рамките на 16. коло ја запишаа втората пролетна победа, откако на гостински терен го совладаа Вардар Неготино со 0-3 (0-0).

Гостите од Велес уште во првиот дел имаа многу повеќе од играта, но на одмор се замина со почетните 0-0. Велешани надмоќната игра ја крунисаа во само три минути, најпрво во 53. минута го отворија резултатот, а во 56. минута веќе имаа комотна предност од 0-2. Конечните 0-3 велешките фудбалери ги поставија во 87. минута со гол од пенал.

ФК Кит-го Пехчево на домашен терен го совлада Партизан од Обршани со високи 6-1 (3-1). Гостите одлично започнаа и со голот на Никола Ефтинџиоски во 18. минута поведоа со 0-1, но тука и застанаа. Во продолжение домаќините поситгнаа шест гола, четири на Антонио Бујчевски и по еден на Иван Настевски и Дејан Стоименов.

Второпласираниот Тиквеш на домашен терен славеше очекувана победа против Саса со 3-0 и ја продолжи битката за освојување на второто место. Тимот од Кавадарци рано поведе со голот на Марјан Ристовски, а во 25. минута Андреј Лазаров зголеми на 2-0. Конечните 3-0 ги постави Роберт Митев со гол во 65. минута.

Брегалница Штип го задржа чекорот со второпласираниот Тиквеш и на домашен терен славеше убедлива победа од 4-2 (1-0) против Детонит Јуниор. Штипјани во првиот дел наидоа на отпор се до 42. минута, кога Ристе Наумов го отвори резултатот (1-0). Во продолжение домаќините со два гола на Иве Трифуновски и еден на Кристијан Велинов поведоа со убедливи 4-0, а до крајот гостите преку Бобан Здравевски го ублажија поразот (4-2)

Кожув на гостински терен со гол во самиот финиш славеше значајна победа од 0-1 против тимот на Плачковица. Стрелец на единствениот погодок за важни три бода беше Димитар Иванов во 90. минута.