ВМФЛ: Брегалница херојски победи, уште три екипи официјално во Трета лига! (ВИДЕО)

Нема промена на врвот на табелата и по 25 одиграни кола во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ), затоа што сите водечки екипи кои се борат за промоција дојдоа до победи.

Брегалница од Штип ја одржа разликата во однос на ривалите, затоа што забележа тешка победа со играч помалку на гостувањето кај Детонит Плачковица (1-0). Стрелец на голот за огромната победа беше Бојан Рајков во првото полувреме.

Шкендија Арачиново го истури бесот врз Победа која и официјално испадна во понизок ранг и на теренот во Маџари славеше со 5-0. Зани Назифи беше двоен стрелец за победникот, по еднаш погодија Владимир Жоглев, Бесар Исени и Дарио Десниќ.

Слично беше и со ГФК Охрид, кој пред својата публика ја доби Преспа со 6-1 и исто така ја испрати во понизок ранг. Стрелци на головите за „рибарите“ беа Попоски Димитриј, Димитриевски Димитриј, Глигоров Иван, Илиески Дарко, Албнор Каба и Андрески Лео.

Скопје, кој исто така се бори за промоција, со убедливи 7-0 во Автокоманда ја победи Саса од Македонска Каменица.

Осогово пред својата публика освои нови бодови, овој пат три, откако го совлада Тетекс со 2-1.

  • Слога Виница - Вардар Неготино 3-3:

Беласица и Кожуф одиграа меч без голови (0-0), а реми одиграа и Слога Виница и Вардар Неготино, со ефикасни 3-3, а Слога Виница се сели во понизок ранг. За Слога погодија Михаил Воинов кој беше двоен стрелец и Христијан Ристов, за Вардар тоа беа Алиу Аган со два и Оливер Тодоров со еден гол.

На табелата во ВМФЛ, Брегалница е лидер со 58 бода, пред Охрид, Скопје и Шкендија Арачиново, сите имаат по 56 бода. Првиот оди директно во ПМФЛ, другите два играат бараж. Околу испаѓањето, Големо Коњари, Победа, Слога Виница, Преспа се официјално третолигаши, Вардар Неготино има шанси да се спаси, но треба сите работи да му се поклопат и да победува во следните пет кола. На позициите за бараж се Кожуф (36), Тетекс (33) и Саса (29), а на првото безбедно место е Новаци со 40 бода и меч помалку.