ВМФЛ: Башкими се израмни со лидерот, шок за Брегалница, Арсими се радува (ВИДЕО)

Екипата на Македонија Ѓорче Петров ги разочара фановите и со нов кикс во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) дозволи да добие израмнет ривал на врвот на табелата по 24. одиграни кола во второлигашката конкуренција.

  • Саса - Башкими 0-5:

„Лавовите“ на гостувањето кај Кожуф одиграа реми без голови (0-0), а целата ситуација ја искористи Башкими кој ѝ даде пет гола на Саса во Македонска Каменица (5-0) и двата тима сега имаат по 53 бода на врвот на табелата. Два гола во првото полувреме за кумановчани дадоа Хусеин Демири и Емир Асани, а во вториот дел паднаа уште три, кои беа дело на Филип Алексовски кој беше двоен стрелец и Борјан Пановски.

  • Вардар Неготино - Брегалница 1-0:

Брегалница доживеа изненадување на гостувањето кај Вардар Неготино, каде загуби со 0-1. Ова се важни бодови за „винарите“ затоа што тимот практично обезбеди опстанок во второлигашкото друштво и го чека мирен финиш на сезоната. Стрелец на важниот гол за неготинци беше Ѓорѓи Шишков во 71. минута.

  • Скопје - Арсими 0-2:

Целата ситуација ја искористи Арсими, кој освои три бода кај Скопје (2-0) и избега на третата позиција која води во баражот за влез во ПМФЛ. Важната победа за тимот од Чегране ја донесоа Аљбин Рамадани и Албан Таипи.

  • Детонит Плачковица - Борец 2-0:

Детонит Плачковица го одбрани домашниот терен од Борец кој води тешка битка за опстанок (2-0). Погодоците за радовишани беа дело на Давид Дебрешлиоски и Дамјан Масевски, во 5. и 68. минута.

  • Вардарски - ГФК Охрид 3-0:

Фенерџијата Вардарски во Богданци успеа да го изненади ГФК Охрид, кого го совлада со 3-0. Стрелци за домаќинот на овој дуел беа Илија Баламов кој погоди во 17. минута, како и Марко Софијаноски и Ѓеорге Карамитров кои погодија во 56. и 82. минута. Натпреварите Осогово - Беласица, односно Новаци - Победа, завршија со најнепопуларниот фудбалски резултат 0-0.

На табелата во ВМФЛ на врвот Македонија ЃП и Башкими имаат по 53 бода, зад нив е Арсими со 51 бод. Четвртопласирана е Брегалница со 48 бода. На дното Вардарски дојде до бројката од 11 бода, пред него се Борец (13), Осогово (18), Победа (24), Новаци (25) и Вардар Неготино (27 бода).