Влазнија е лидер во Албанија, Јонуз поканет на „Форум на тренери“ во Дубаи

Репрезентативната пауза најдобрите светски фудбалски стручњаци ќе ја искористат за неколкудневен форум на тренери во Дубаи. Единствен македонски тренер кој ќе биде дел од манифестацијата е Мирсад Јонуз, кој веќе еднаш оваа година беше гостин во тој дел од светот, во катарска Доха.

Форумот ќе ги собере тренерите на скоро сите светски клубови кои нешто значат, а предавач ќе биде менаџерот на европскиот вицешампион Тотенхем, Маурицио Почетино. Аргентинецот минатата сезона беше на прагот на сензација со „петлите“ од Лондон, но загуби во финалето на Лигата на шампионите во Мадрид против Ливерпул (2-0). На форумот свое излагање ќе има и аргентинската легенда Хорхе Хернан Креспо, денес шеф на стручниот штаб на Банфилд, селекторот на азискиот шампион, Катар - Феликс Санчез и српскиот стручњак Славиша Јокановиќ.

Јонуз со Влазнија во албанскиот шампионат бележи одлични резултати и денес го совлада Кукс на гостински терен со 1-2.

По седум одиграни кола во шампионатот на Албанија, Влазнија е еден од лидерите со 12 бода.