• Иван Димовски
Фудбалерите на Јувентус се радуваа на петнаесетти пехар во Копа Италија, откако во финалето на „Олимпико“ во Рим ја совладаа Аталанта со 0-1 (0-1). Тимот од Бергамо немаше сили за подвиг и прв трофеј по навистина долга пауза, а уште еднаш се докажа искуството на „старата дама“ и Масимилијано Алегри. Човек на одлука во ова финале беше српскиот напаѓач Душан Влаховиќ кој на самиот старт даде победоносен гол.
- Извештај од натпреварот:
Само четири минути му беа потребни на Србинот да стрела за 0-1. Одлична топка низ одбраната на Аталанта испрати Камбиасо, а Влаховиќ излета сам пред голот и погоди во мрежата на Карнесеки. Откако рано постигна гол, екипата на Јувентус потоа имаше сè во свои раце. Алегри е мајстор за вакви натпревари и тоа уште еднаш се докажа на тревникот. Возбудувањата изостанаа и на полувреме се замина со истиот резултат од стартот на мечот.
Аталанта мораше да покаже повеќе, Гасперини потегна кон клупата и го испрати на терен Ел Билал Туре наместо Шарл Де Кетеларе. Следеше нешто поотворена игра од страна на момците на Гасперини, а Јуве одлично поставен чекаше шанса преку контри. Во таква ситуација се најде Влаховиќ кој претрпе старт од Хиен и очекуваше да добие пенал, меѓутоа судијата Мареска пушти погруба игра. Слични ситуации имаше уште во два наврати, прелесно паѓаа Киеза и Лукман и немаше елементи за најстрога казна.
И вторпат се тресеше мрежата на Карнесеки, одново погоди Душан Влаховиќ, меѓутоа славјето го прекина повик од ВАР собата поради офсајд. До крајот Аталанта фрли сè на карта напад, но „удри“ во блокот на „старата дама“. Во пресрет на завршницата се тресеше рамката од голот на Перин, а пречка за Јувентус погоди Мирети. До крајот на натпреварот резултатски промени немаше и тимот од Торино се радува на нов трофеј. Од друга страна, Аталанта за седум дена во Даблин игра во финалето на Лигата на Европа, што е нова шанса за трофеј.