Влахо: Во Ѓорче имавме малку спортска среќа, сега фокусот е на Пелистер

Фудбалерите на Работнички играат во одлична форма на стартот на ПМФЛ, а викендов освоија три бода на гостувањето кај Македонија ЃП со триумф од 0-2. 

Избраниците на Александар Влахо ги следат неговите инструкции и тоа вроди со плод. Стручњакот по натпреварот во Ѓорче Петров изјави дека е задоволен од настапот и смета дека триумфот е заслужен. 

„Сакам да им честитам на фудбалерите за изданието што го прикажа Работнички на дуелот против Македонија ЃП. Не е лесно да се победи во Ѓорче Петров, но фудбалерите покажаа завидна спортска дрскост, одиграа тактички одлично и мислам дека сосема заслужено ги освоивме трите бода. Создадовме неколку шанси, реализиравме две од нив, а во одредени моменти имавме и малку спортска среќа, со оглед дека Македонија ЃП ја погоди гредата при наша минимална предност. Но, не се задоволуваме со ова, треба да продолжиме со добри игри во континуитет и веќе размислуваме за следниот првенствен натпревар против Пелистер. Тоа е тим чија форма оди во нагорна линија, останаа непоразени против Шкендија и против Академија Пандев и ќе треба максимално да се подготвиме за наредното коло“, изјави Влахо.

Следен предизвик за „романтичарите“ се „зелено-белите“ избраници на Капинковски од Битола. Натпреварот меѓу Работнички и Пелистер поради реновирање на тревникот на Националната арена, ќе се одигра на комплексот на ФФМ.