Влахо призна: Задоволен сум од изданието против Вардар!

Фудбалерите на Работнички го победија Вардар (1-3) во викенд колото на ПМФЛ, со што практично му пресуди на скопскиот ривал кој е близу до втората лига. 

„Романтичарите“ се вратија на тренинзите, а следен предизвик е Силекс. Предводникот на тимот, Александар Влахо зборуваше за претходниот натпревар и победата во градското дерби. 

„Задоволен сум од изданието против Вардар, имавме контрола над играта и резултатот иако се појавија слабости при прекин на игра. Тоа се сегменти на кои посветуваме посебно внимание, но повторно имаме проблеми во одредени ситуации на натпреварот. Сепак, доминиравме и успеавме да стигнеме до победа со која го осигуравме пласманот. Во наредните две кола до крајот на првенството ќе продолжиме да играме во максимален ритам, а шанса ќе добијат фудбалерите кои досега имаа послаба минутажа. Работнички секогаш мисли на иднината и мора навреме да го селектираме тимот и за следната сезона“, изјави Влахо. 

Екипата од Дебар Маало се наоѓа на петтата позиција од табелата, а до крајот на сезоната ќе игра за престиж бидејќи е далеку над зоната за опстанок и не може да се бори за место кое води во евро-куповите.