Витсел: „Амбициозните проекти“ се лага, сите одат во Азија само за пари

Фудбалерот на Атлетико Мадрид, Аксел Витсел, смета дека сите приказни околу „нови и амбициозни проекти“ на клубовите од далечниот исток се само измислица и тврди дека сите играчи заминуваат во овие земји само поради парите. 

„Саудијците тврдат дека создаваат нови и амбициозни проекти, но сите знаеме дека тоа не е така. Истата приказна беше со Кинезите, кога започнаа да се расфрлаат со пари пред неколку сезони. Јас бев меѓу првите што замина во Кина и отидов само поради големата заработка.

Играчите не треба да измислуваат приказни и да кажуваат како отсекогаш сакале да играат таму, туку едноставно да признаат дека парите се главна причина за трансферите. Да не ги лажеме нашите фанови и да не се лажеме самите себе, мислам дека така е најубаво“, вели поранешната ѕвезда на белгискиот фудбал. 

Аксел Витсел беше меѓу првите ѕвезди од Европа кои заминаа на азискиот континент и во сезоната 2017/2018 потпиша за екипата на Тианџин Куанјан. Тој имаше тригодишен договор со кинескиот клуб, кој му гарантираше заработка од 19 милиони долари годишно, но се врати во Борусија Дортмунд после само една сезона.