ВИДЕО: Вистинско дерби на „Маракана“ – пресврти, ШЕСТ гола и бод за Партизан! 

Фудбалерите на Црвена Звезда испуштија голема можност да извојуваат уште една победа над големиот ривал Партизан, откако во второто овосезонско дерби во домашниот шампионат „црно-белите“ со гол во судиското надополнување се изборија за голем бод (3-3). 175. дерби на големите белградски ривали целосно ги оправда очекувањата и ги понуди сите убавини на фудбалската игра.

Гостите, на кои обложувалниците им дадоа минимални шанси за победа, уште на стартот покажаа дека во ваквите натпревари нема фаворит. Партизан ја замолкна „Маракана“ уште во осмата минута, кога Ибрахим погоди за 0-1. Младиот напаѓач од Гана одлично го следеше центаршутот од десната страна и биеше со глава, но Гуташа успеа да интервенира. Сепак, топката се врати кај 20-годишниот Ибрахим, кој не погреши од вториот обид и донесе огромна радост за гостинските фанови.

Со овој резултат се замина на одмор, а во второто полувреме следуваше вистинска голеада на легендарниот стадион. Најдобриот стрелец во лигата Ндиаје за само пет минути постигна два гола и Црвена Звезда за првпат поведе на дербито. Партизан не се предаде и по еден час игра одново ја врати неизвесноста и преку Ковач израмни на 2-2.

Сепак, по само три минути Иваниќ со супер-гол донесе нова „експлозија“ на трибините и ја врати предноста на шампионот. Во продолжение Црвена Звезда имаше целосна контрола, и се чинеше дека бодовите ќе останат на „Маракана“, но во третата минута од продолжението Партизан доби најстрога казна и Николиќ погоди за конечни 3-3.

  • Извештај од натпреварот:

До крајот на првиот дел од сезоната преостануваат уште шест кола, а нема дилеми дека Црвена Звезда во плеј-офот ќе влезе од лидерската позиција. Партизан моментално е на второто место.