Вистински тест за „црвените“, Реал не сака да испушти полуфинале во ЛШ

Блескавите игри во Лигата на шампионите беа добра прилика за Ливерпул да ги избрише дамките од првенството и делумно да се извади за фактот дека на шест кола пред крајот во Премиер лигата ја испушти титулата која ја бранеше по три децении. Сепак, шансите „црвените“ во престижното европско натпреварување да го поправат впечатокот значително се намалија по првиот дел од двомечот против Реал Мадрид. Кралскиот клуб на крилата на расположениот Винициус забележа сигурна победа (3-1) и заврши значителен дел од работата на патот кон финалето и пред реваншот, додека за англискиот тим почна да се лизга и последната шанса за спас на сезоната.

Сите квоти за натпреварот меѓу Ливерпул и Реал Мадрид 

Единствениот останат претставник на Шпанија со победата потврди дека е во добра форма, а низата одлични резултати ја продолжи и во „Ел Класико“ против Барселона со 2-1 претходниот викенд, па пред Ливерпул е доста тешка задача да ги задржи избраниците на Зинедин Зидан кои играат во најдобра форма од почетокот на сезоната. Надежите на екипата на Клоп ги сочува голот на Мохамед Салах, а раните делумно се залечија со првенствената победа над Астон Вила (2-1) која ја подигна самодовербата кај англискиот претставник. Меѓутоа, покрај многу инспириран ривал, Ливерпул пред себе ќе ја има и традицијата, со оглед на тоа што Реал славеше во последните четири пресметки, а пред победата минатата седмица, Зидан успеа да го надмудри Клоп и во 2018 година во финалето одиграно во Киев кога резултатот исто така беше 3-1 за мадриѓани.

Фудбалското уживање во дуелот на клубовите кои европскиот трон го освојуваа шест, односно тринаесет пати, во значителна мера ќе го намалат отсуствата поради повреди, со оглед на тоа дека домаќинот веќе извесно време не може да смета на Гомез, Хендерсон, Џонс, Матип, Ориги и Ван Дијк, додека надвор од стројот кај гостите се повредените Карвахал, Азар, Лукас и Рамос, заедно со Варан кој е заразен со коронавирус.