Вистината за „Калчополи“, растурањето на „седумте сестри“ и падот на Серија А

Кризата на италијанскиот фудбал почна многу порано од зачетокот на случајот „Калчополи“. Дури и многу често овој скандал беше користен како алиби дека се е така црно во фудбалска Италија. Во доцните деведесетти финансиската моќ на италијанските клубови го достигна врвот. Извесно беше дека приматот го превземаат Барса и Реал и бавниот влез на странски капитал во англиските клубови, кои подоцна ќе израснат во големи брендови, благодарение на тајкуните од Русија, Америка, далечниот Исток. Каде лежеше главниот проблем што италијанските клубови ја намалија својата финансиска и играчка моќ? Зошто нивниот прогрес не продолжи да доминира во Европа? Главната разлика беа приходите од ТВ правата кои во Италија во тој период благодарение на BSkyB достигнаа вртоглави суми. И не само што тој финансискиот „колач“ не се делеше рамноправно, туку тие што земаат најмногу пари, ги земаа и користеа парите со години однапред. На пример Милан или Јуве имаат 90 милиони евра годишно за своите 19 домашни натпревари во Серија А во период од пет сезони. Не само што имаат десет пати поголеми примања од Бари или Сиена, туку ги менаџираат парите однапред. Извесно беше дека тоа не оди далеку.

Сите освен Јувентус беа дебело во долгови. Оние кои не можеа да го издржат вртоглавото темпо на трошење пари завршија или пред банкрот или зад решетки. Проблемот беше покомплесен и заради тоа што клубовите не можеа да ја полнат касата од своите стадиони, бидејќи тие не се во нивно сопствеништво. Законите во Италија, далеку позастарени од оние во остатокот на Европа, не дозволуваа во тоа време клубовите да ги поседуваат стадионите, туку тие и натаму беа (а голем дел и денес уште се) во рацете на општините. Така клубовите не само што не заработуваа како германските и англиските, туку плаќаа и кирија. Така приходите кои другите гиганти ги броеја во стотици милиони евра, италијанските гиганти не можеа да ги имаат. А повеќе не можеа тоа да го покријат со ТВ правата. Моќта на Серџо Крањоти во Лацио или семејството Танци во Парма, па Чеки Гори во Фиренца, Франко Сенси во Рома одеднаш стана лимитирана или во некои случаи за 200% намалена. Оние кои планираа проекти на подолг период или имаа подобра младинска школа преживеаја. Другите скапо ја платија цената. Сите освен Сенси завршија во затвор. Италија загуби четири клуба кои спаѓаа во семејството на „седумте сестри“. Лацио, Рома, Парма и Фиорентина престанаа да бидат конкурентни за титулата долг период. Фиорентина дури и испадна во Втора лига, Парма неколку сезони едвај се спасуваше, за во втората декада од новиот милениум и таа да се врати во Серија Б. Лацио се приспособи во само скромен прволигаш без големи амбиции, а Рома благодарение на ќерката на Франко, Розела Сенси ги санира сметките пред клубот да го продаде во американски раце. Сите четири клуба почнаа од нула. Семејствата Лотито, Дела Вале и Гирарди пронајдоа финансиски баланс за уште да го менаџираат својот клуб, без притисок да бидат секогаш први како во деведесеттите. Интер, Милан и Јуве преживеаја заради сосема поинакви причини, а некои и платија превисока цена за да останат тоа што беа отсекогаш - гиганти на европско и светско ниво. Берлускони со години со средства надвор од клубскиот буџет му помагаше на клубот да остане во чекор со европскиот крем, пред да го продаде во несигурен инвеститор од Азија пред пет години. Морати долго време инвестираше свои средства, но за да го следи чекорот со големите европски „зверки“, мораше да го продаде Интер. И единствен кој остана со истиот сопственик од пред и после кризата е Јуве и семејството Ањели.

Приказната на почетокот од нула на Јуве веќе е добро позната. Од полна каса и легендарното трио Моџи-Џираудо-Бетега, „бјанконерите“ дојдоа со почеток од дното на Серија Б со семејството Ањели, кое ја наследи привремената управа на чело со Гранде Стивенс и техникото Жан Клод Блан. Случајот „Калчополи“, кој како вулкан избувна во 2006 година на некој месец до мундијалот во Германија, е веројатно најнеобичниот скандал во светот на фудбалот, во светот на спортот воопшто. Вистинската дефиниција на процесот не е истрага против наместени или нерегуларни натпревари, туку недозволено контактирање на делегатите одговорни за назначување и менаџирање на професионалните судии во Италија. Развлечена приказна која целосно поинаку беше претставена и лансирана во јавноста. Поврзаноста на случајот со скоро сите клубови и значајни личности од фудбалскиот свет во Италија, говори дека голем број на луѓе и клубови знаеле дека постои таков напореден заштитен систем на големите клубови. А големи во тоа време беа само Јуве, Милан и Интер. Останатите како на пример Рома на Франко Сенси, кој знаеше со какви „лавови се бори“ се обидуваа по заобиколен пат да дојдат до парче наклонетост, судиска помош, избор на свој судија и слично. Голем конфликт на интереси донесе италијанскиот Телеком кој ги лансираше телефонските прислушкувања. Конфликтот го донесе податокот што сопственикот на таа компанија е и втор акционер (веднаш зад Масимо Морати) и жесток навивач на Интер, Марко Тронкети Провера. Во 2005 година беа исфрлени во јавноста селектирани прислушкувани разговори на скоро сите големи италијански клубови, освен Интер, снимени во разговор на швајцарски СИМ картички. Дури и медиумот кој беше избран ексклузивно да ги објави прислушкуваните разговори „Газета дело спорт“ од Милано, не беше неутрален. Божем случајно откако се смири „пожарот“ по шест години, тамам колку да застари делото, во јавноста излегоа разговорите на челниците на Интер (на претседателот Џачинто Факети) со делегатите Бергамо и Паирето. Случајот затворен, без ни желба, ни правна основа да се осветлува, Интер остана неказнет само заради застареноста. Инаку не му гинеше драконска казна, бидејќи по правилата заслужуваше тројно поголема казна од останатите клубови, бидејќи разговорите ги водеше нивно официјално лице од највисоките органи (во случајот претседател), а не во случајот на Милан и Лацио обичен член на управниот одбор или во случајот на Јуве, техничкиот директор (Лучијано Моџи).

Апсурдот да биде уште поголем, спортскиот законик во Италија налага дека е казниво секој обид да се контактираат делегатите, а камо ли да се притискаат, да се договара избор на судии и слично. По тој основ сите се виновни. Бергамо и Паирето објаснија дека разговараа со сите високи фунцкионери на клубовите од Серија А и Серија Б, без исклучок. Скандалот избива во мај 2006 година во уште незавршен шампионатот 2005/06 и скоро секојдневно некое ново име беше вклучено во прислушкуваните разговори. Во ниту еден разговор или во ниту една страница од транскрипцијата нема разговор на претставници на два клуба кои пилотираат или договараат нешто спорно. Во ниту еден разговор нема конверзација меѓу претставник на еден клуб и судија. Официјално не постои никаков доказ за она што сите го знаевме - дека во Италија има „шминкани“ (како што италијаните сакаат да кажат) натпревари. Можеше да се чуе само притисоци од типот: „Го сакам овој судија, никако не ми го делегирај овој. Минатата година имавме лошо искуство со одреден судија и слично“. Имаше и подлабоки притискања од типот: „Внимавај во случај на жолт картон овој играч нема да игра в недела“ или обратно „Ако му даде жолт картон нему, нема да игра против нас“. По законикот недозволени разговори, но далеку од некој соодветен доказ дека одреден натпревар завршил како што некому му одговарало, а некому не. Суштината е што голем дел од планираното на големите (Јуве и Милан) не им излегуваше како што сакаат. Јуве, Милан и Интер имаа таканаречени свои судии и постојано бараа да ги имаат кога најмногу ќе им требаат во сезоната. А правилата во Италија велат дека еден судија може најмногу шест пати да му суди на еден клуб во сезона, никогаш двапати последователно. И така големите со години формираа заштитен систем како би добиле во најмала мера неутрално, а понекогаш и наклонето судење. Тој систем беше јавна тајна во Италија. И ако никој не знае дали и како беа обезбедени одредени судии да судат нарачано, принципот да се добијат судиите за одредени натпревари беше притисок врз делегатите. Со оглед на тоа што одлуката беше полудиригирана ждрепка, а не просто делегирање, има јасни сомнежи и дека некоја ждрепка била наместена за да се задоволат притисоците на Милан, Јуве и Интер.

Рома не можеше да направи свој заштитен систем и јавно беше обелоденето дека Сенси дарувал „Ролекс“ часовници на судиите, како би ги придобил како свои и би сметал на нивната наклонетост. Иако ништо не беше негирано, Сенси и Рома не беа казнети. Само за пример во Португалија, случајот Порто и судиските подароци во периодот на Мурињо, кои подоцна беа откриени, не беше санкциониран со никаков пад во понизок ранг. Едноставно Порто почна со -6 бода и случајот ниту ги наполни насловните страници, ниту предизвика бура од реакции во Португалија и надвор од неа. Но, во Италија беше поинаку. Притисокот врз Јуве и Лучијано Моџи, кој го направи јавноста доведе само еден човек и еден клуб да платат за целиот систем кој сите веруваат дека во помали размери уште постои во Италија. А со голема сигурност постои и во некои други земји. На пример во Шпанија јавна тајна е дека Реал и Барса имаат свои методи како да ги обезбедат своите или најдобрите судии, термини, противници. Слично или развлечено од случајот „Калчополи“. Да не говорам за на Балканот каде во Грција, Турција, бивша Југославија секогаш постоела и ќе постои таква шема на заговор, која впрочем е обид да се дојде до поповолна арбитража. Впрочем, во тоа време Јуве беше толку силен што можеше да биде прв во Италија кој и да му суди. Но големите „играчи“ ништо не препуштаа на случајот. Бараа гаранција за успех, за титули. Исто беше и со Милан. Јуве на Капело и Милан на Анчелоти беа тимови од кои противниците „ги полнеа гаќите“. Интер беше во почетна фаза на изградба на тимот со Роберто Манчини и не стигна до тоа ниво. Но, затоа бараше свој систем како да се брани од конкурентите и да извлече нешто повеќе за себе. И сосема неочекувано голем сојузник пронајде во италијанскиот Телеком и скандалот.

Уште поголемо изненадување беше што критиката издејствува казнетите клубови скоро и да се задоволат со првичните казни и покрај тоа што постоеше отпор. Во тоа време несфатливо адвокатскиот тим на Јуве јавно изјави дека Серија Б е поднослива казна. Нешто што Андреа Ањели никогаш не го прифати. Па, и денес со силни аргументи се бори против таа одлука. Посебно за подоцна одземените две скудета. кои не беа „извалкани“ со ниту еден натпревар кој основниот или спортскиот суд го означи како нерегуларен.  Сè се сведуваше на нелегално контактирање на делегатите. Дури и такво беше обвинението кое подоцна падна во недостаток на докази. Комплетната збрка во тоа време доби и политички заплет. Многу добро упатените сметаат дека борбата за власт во Јуве донесе пад на акциите на берзата, само за поефтино клубот да заврши во рацете на семејството Ањели, а не кај семејството Елкан. Тоа се двете семејства наследници на Џани и Умберто Ањели, чија што династија го основа и го води Јувентус скоро еден век. Таа теорија на големо се врти низ Италија, иако вистината е дека семејството Елкан никогаш не било директно заинтересирано за фудбалскиот бизнис, а Ањели е препознатливиот знак на клубот. Сепак, извесно е дека таа привремена управа на Јуве не се изнамачи да спречи испаѓање од Лигата, а одлуката од спротивната страна требаше да ја донесе бивш член на управниот одбор на Интер, Гуидо Роси. Адвокатот Роси го доби случајот и мораше во 30,40 дена да донесе одлука која ќе го сврти италијанскиот фудбал. Јавноста беше така активна и бараше ригорозна казна, што дел од казните кои подоцна се испоставија, со денови порано излегуваа на насловната страна на „Газета“. Спортскиот суд не беше најтранспарентен. Наместо слични казни како во Португалија, се одлучи за смислени ригорозни казни и тоа така селективни, што годините подоцна ќе ја откријат цела низа на телефонски разговори кои не заобиколија ниту еден калчолигаш. Во една прилика лично слушнав за неколку заплети во пресрет на „Калчополи“, во кои дури и дел од новинарите беа селективно подмитени од големото трио Јуве, Милан и Интер како би коментарале во јавноста како што на клубовите што им одговара. Дури и стручните коментатори за судењето кои требаше да оправдаат или да осудат некоја судиска одлука на телевизија, и тие беа на нечиј платен список. И не дека многу тоа ме изненади, бидејќи тоа се случува и денес во најголемите фудбалски сили. Во Шпанија, Реал и Барса имаат десетици новинари на својот платен список. Ни во Италија не е многу поинаку. Виновници за целата збрка има колку што сакаш. Вовлечена беше и менаџерската компанија ГЕА, во сопственост на синот на Лучијано Моџи, како и менаџерот Давиде Липи (син на Марчело Липи) и тоа се пред Светското првенство во Германија. ГЕА се распадна, иако немаше цврсти докази дека прави криминал, Давиде Липи без проблем продолжи да работи како ФИФА менаџер, а неговиот татко кој во тоа време беше и под притисок да си замине од селекторското место, го освои Мундијалот на сред голема бура во татковината. Голем дел од новите светски прваци мораа да играат во Серија Б или да бараат нови клубови додека трае мундијалот. А тоа воопшто не е лесно. Фиорентина и Лацио во целиот случај залутано беа казнети, а не заради тоа што нешто недозволено „мате“. Впрочем, тие не беа таков фактор. Виновен беше прво целиот систем, па триото Јуве, Милан, Интер, па потоа сите останати актери во пилотираниот случај „Калчополи“. Последиците од целиот случај фудбалот на „чизмата„ уште ги чувствува. Најмногу намалената финансиска моќ, компетитивност, а да не зборуваме за имиџот и кредибилитетот. Тоа беше тежок удар. Посебно тежок зошто беше лошо изменаџиран на национално ниво. Државата се одрекна од еден од своите најпрофитабилни производи. Со тоа дозволи надоаѓечките проекти од Англија, Шпанија и Германија да ја надминат Италија.

Не постои клуб кој профитираше (можеби само Интер), туку сите загубија од скандалот кој никогаш нема да остане комплетно расветлен. Бидејќи ниту едно лице не е осудено заради измама или криминално дејствие на основниот суд во Неапол, а спротивно на тоа заради застарените методи на спортскиот суд многумина добија драконски казни. А многумина останаа неказнети само затоа што времето го застаре делото. „Калчополи“ одеднаш стана „Фарсополи“, а Серија А мораше одново да се гради. Дури и несвојствено една од казнетите екипи во „Калчополи„ која не ни смееше да игра во Европа според правилата на УЕФА - Милан, стана европски првак во Атина во мај 2007 година, во сезоната во која никој не знае зошто играше во Лигата на шампионите. Уште поголем проблем донесе одлуката на федерацијата скудетото во сезоната 2004/05 никому да не го додели, а наредната 2005/06 да му го додели на Интер, иако во финалниот пласман беше дури трет, со двоцифрен број на бодови заостанување зад првопласираниот Јувентус. Но, испаѓањето на „зелена маса“ на бјанконерите и казната -30 за Милан, значеше доволно бодови Интер да биде првак во тој одново креиран редослед. Скудето кое требаше да биде каква-таква сатисфакција за Интер кој дотогаш не беше вмешан во скандалот. Но, само дотогаш, бидејќи шест години подоцна откако случајот застари, излезе „валканата облека“ и на третиот гигант. Така одлуката на таканареченото скудето од картон цело време е случај на подсмев и претставува пример за неверодостојна одлука на спортскиот суд. Јувентус беше двојно, ако не и тројно казнет што му беа автоматски кондиционирани три шампионати. Два заради прислушкувањата во периодот 2004-06 и еден од наредниот, во кој место во Лигата на шампионите, Јуве играше во Серија Б.  Некој со помали, некој со поголеми „лузни“ излезе од случајот кој го „жигоса“ италијанскиот фудбал и засекогаш го направи сомнителен. Случај кој сепак не беше ништо друго од преувеличен штит на големите „играчи“ меѓусебе.          

Зоран Мишевски