Висок функционер на МЛС: Ибрахимовиќ веќе се договори со Милан

Комисионерот на МЛС лигата, Дон Грабер со изјава во интервју за ЕСПН го привлече вниманието на светската јавност. Грабер зборуваше за Златан Ибрахимовиќ и изјави дека Милан веќе има договор со Швеѓанецот:

„Златан е интересен карактер, потребни ви се вакви фудбалери, каков што беше и Бекам пред неколку години. Тој има 38 години и сега ќе се врати во Милан, еден од најважните клубови во светот. За две години тој ги сруши речиси сите рекорди со голови. Се надевав дека ќе остане во МЛС, но работите зависат од Лос Анџелес Галакси  Среќен сум што го имавме во лигата, ги сакам моментите со него особено кога зборува во трето лице", изјави Грабер.

Ибрахимовиќ е поврзуван со многу клубови од Европа, меѓу нив секако е и неговиот поранешен клуб, каде изјави дека ги поминал најубавите денови играјќи фудбал. Напаѓачот во Милан одигра две успешни сезони или 61 натпревар, постигнувајќи 42 голови. Неговото заминување во ПСЖ беше договорено спротивно од негова желба. 

Иако нема официјални информации од клубовите, комисионерот на МЛС лигата беше убедлив во својата изјава. Останува да видиме дали ова е само шпекулација или пак навистина е добро упатен во проблематиката на Ибрахимовиќ.