• Зоран Мишевски
Фудбалерите на Венецуела и Бразил ремизираа со по еден постигнат гол во Матурин, во првиот натпревар од 11. коло од јужноамериканските квалификации за Светското првенство (1-1). Бразил скокна до третото место со 17, а Венецуела е седма со 12 бода.
Венецуела е единствената репрезентација од Јужна Америка која никогаш не играла на Светско првенство и сега навистина има историска шанса да го стори тоа. Бразилците поведоа во 43. минута со голот на разиграниот играч на Барселона, Рафиња, кој извонредно изведе слободен удар од 20 метри од левата страна и со помош на стативата ја затресе мрежата (0-1). Примениот гол кон крајот на првото полувреме не ги обесхрабри Венецуелците, кои израмнија во првата минута од вториот дел. Акцијата на домашните тргна по левата страна, а потоа топката стигна до Саварин, кој од „срцето“ на шеснаесетникот врати до Сеговија, а овој од 16 метри испрати вистински „проектил“ и го совлада немоќниот голман Едерсон (1-1).
Бразилците добија пенал во 62. минута, кога голманот Ромо го собори Винициус Жуниор. Крилниот напаѓач на Реал Мадрид ја презеде одговорноста, но Ромо ја исправи грешката и го одбрани неговиот удар од белата точка. Венецуела во 89. минута остана со играч помалку поради директниот црвен картон на резервистот Гонзалез, но успеа да сочува реми. Во судиското продолжение Винициус се расправаше со „цел стадион“, прскалките магично се вклучија, но резултатот не се менуваше.
- Извештај од натпреварот:
Во следното коло Бразил за пет дена го пречекува Уругвај, додека Венецуела ќе биде домаќин на Чиле. Шесте најдобри селекции од Јужна Америка по осумнаесет одиграни кола директно ќе се квалификуваат на Мундијалот, додека седмопласираната ќе игра интерконтинентален плеј-оф.