Винициус: На Шпанија да ѝ се одземе организацијата на СП 2030 година!

Една од ѕвездите на Реал Мадрид, Винициус Жуниор со години се бори против расизмот во Шпанија, но изгледа како секој ден да станува сè поголема жртва на истиот. Иако е повеќе од пет години во Шпанија, речиси секој месец, па дури и недела, се наоѓа на удар на навивачите, главно на поединци.

И редовно бурно реагира на тоа, а овој пат во интервју за „Си-Ен-Ен“ беше најгласен и побара на Шпанија да ѝ се одземе организацијата на Мундијалот во 2030 година.

„Доколку ситуацијата со расизмот во Шпанија не се подобри до 2030 година, Светското првенство треба да ѝ се одземе. Има многу простор за промени до 2030 година. 

Се надевам дека Шпанија ќе напредува и ќе сфати колку е сериозно да се навредува некого врз основа на бојата на неговата кожа“, рече меѓу другото Винициус.

Организацијата за Светското првенство во 2030 година ФИФА им ја додели на Шпанија, Португалија и Мароко.