Вилшер: Се чувствувам како да сум направил круг, се вратив во клубот од моите почетоци

Поранешниот англиски репрезентативец и „десетка“ на Арсенал, Џек Вилшер, ја презеде функцијата главен тренер на Лутон Таун, објави англискиот клуб на својата веб-страница.  Вилшер доаѓа откако беше помошник тренер во Норвич. Пред тоа, тој го водеше тимот на Арсенал до 18 години. Ова ќе биде негово прво назначување како главен тренер во сениорскиот фудбал.

„Вистинска чест и привилегија е да бидам менаџер на Лутон. Се чувствувам како да сум направил круг. Тренирав за Лутон кога имав осум години, тоа беше мојот прв клуб во животот, па претпоставувам дека судбина беше тоа да биде мојот прв клуб што ќе го тренирам. Едвај чекам да почнам да го тренирам тимот“, рече Вилшер по потпишувањето на договорот.

Поранешниот играч од средниот ред на Арсенал и Англија има 33 години, а својата играчка кариера ја заврши на 30 години. Своевремено важеше за еден од најталентираните англиски фудбалери и му предвидуваа блескава кариера, но поради бројните повреди никогаш не го покажа својот потенцијал. Покрај за Арсенал настапуваше уште за Вест Хем, Борнмут и Архус.

Лутон Таун се натпреварува во Лига 1, третото ниво на фудбал во Англија. Моментално е рангиран на 11. место од 24 тима, а пред само две сезони беше дел од Премиер лигата.