• Саше Љолес
Екипата на Виљареал потешко од очекуваното стигна до триумф над Лас Палмас (3-1) во натпреварот од шестото коло во шпанската Примера. „Жолтата подморница“ во вториот дел го скрши противникот, кој прикажа солидна партија на тешкото гостување.
Николас Пепе донесе водство за домаќините во првото полувреме, но Лас Палмас се врати во игра со голот на Фабио Силва во 47. минута. Виљареал силно притисна по примениот погодок и создаваше многу шанси, а наградата пристигна во 84. минута. Ново водство донесе Тјерно Бари, а конечните 3-1 беа дело на Алекс Баена во последните секунди од мечот. Истиот играч претходно не реализираше удар од единаесет метри.
Виљареал прикажува изводнредна форма и стигна до петтиот сезонски триумф, со кој се „вметна“ на третата позиција, точно помеѓу градските ривали од главниот град - Реал и Атлетико.
Во следното коло тимот ќе гостува кај „кралевите“ во Мадрид, додека Лас Палмас останува без победа во Примера, со само три бода на своето конто.