Виљареал ја освои Каталонија и ќе преноќи на второто место

Вечервашната програма од 12. коло на Примера заврши со победа на Виљареал над Еспањол среде Барселона со 0-2. Ова е трета последователна, а вкупно осма победа за „жолтата подморница“, која ќе преноќи на второто место на табелата со 26 бода, еден повеќе од Барселона и Атлетико Мадрид, но Барса очекува дуел со Селта во Виго в недела вечер. Еспањол го претрпе четвртиот пораз и остана на шестото место со 18 бода.

Мрежите мируваа до крајот на првото полувреме, кога поранешниот играч на Еспањол, Џерард Морено, постигна прекрасен гол од работ на шеснаесетникот, откосо од десната страна во спротивниот агол за 0-1. Се играше 57. минута од натпреварот, кога гостите реализираа брз контранапад преку Бушанон по десната страна. Откако ја испрати топката во шеснаесетникот, Молеиро упати удар од десет метри, голманот Дмитровиќ накратко ја одби топката, но Молеиро ја погоди мрежата за 0-2.

Еспањол го имаше поседот на топката, но тоа не му донесе многу и немаше премногу закани кон голот на гостите. Така гостите лесно стигнаа до победа и три бода, со кои брзо ќе го заборават поразот од Пафос во Лигата на шампионите.