ВИДЕО: Вилијамс со мајсторија ја „расплака“ Барса и на Билбао му донесе Суперкуп трофеј!

Роналд Куман со една рака го имаше в рака првиот трофеј како тренер на Барса, но неговите момци тотално потфрлија во клучните моменти од финалето во Суперкупот, откако прокоцкаа водство од 2-1 и по продолженијата заслужено загубија од Атлетик Билбао (2-3). 

  • Извештај од натпреварот. 

Натпреварот во Севиља ги оправда сите очекувања на неутралните фанови на шпанскиот фудбал, бидејќи двете екипи играа отворено и со желба да го освојат првиот овогодишен трофеј. Атлетик Билбао, и покрај победата во полуфиналето над Реал Мадрид, и вечерва беше аутсајдер против големата Барса, но повторно покажа дека под водство на Марселињо е сосема друга екипа, која знае како да се надигрува против најдобрите и со офанзивниот пристап на игра да им создаде големи проблеми. Впрочем, токму оваа филозофија на новиот стратег на Баскијците им го донесе трофејот од Суперкупот на Шпанија. 

И покрај шпекулациите дека Меси ќе остане на клупата за резерви, аргентинскиот ас финалето го започна од првата минута и повторно беше водечка сила на својот тим, но главен актер кај Каталонците беше Антоан Гризман. Францускиот репрезентативец конечно одигра натпревар како во времето кога ги бранеше боите на Атлетико Мадрид и со двата гола во мрежата на Атлетик Билбао докажа дека неговото време не одминало, но ниту тоа не беше доволно за славје на шампионот на Примера од пред две сезони. 

Светскиот шампион од Мундијалот во Русија во 40. минута по една мешаница пред противничкиот гол го отвори резултатот, но радоста на Барса траеше само 120 секунди, затоа што Оскар Де Маркос погоди за 1-1 на полувреме. На стартот на вториот дел Атлетик Билбао беше нешто поорганизиран и Гарсија погоди за 1-2, но по сугестија на ВАР голот беше поништен поради офсајд. Се играше 77. минута кога Гризман повторно се најде во центарот на вниманието и стрелаше за 2-1 за Барса, но упорните Баскијци повторно се вратија во игра и преку Виљалибре во 90. минута се изборија за дополнителни 30 минути (2-2). 

Само што започна првото продолжение следуваше неочекуван шок за фаворитот, откако Ињаки Вилијамс со вистинска мајсторија од полулево го надмудри Тер-Штеген и на својот тим му донесе голем трофеј (2-3). До крајот на натпреварот Барса имаше иницијатива и Гризман пропушти голема шанса за израмнување и хет-трик, но Унаи Симон ја сочува мрежата кога најмногу беше потребно и Атлетик Билбао заслужено се радува на освоениот трофеј. 

Во самиот финиш од средбата Барса остана со играч помалку, затоа што Меси поради неспортски фаул заработи директен црвен картон, прв во својата кариера како член на каталонскиот гигант.

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Меси му удри БОКС на ривал и доби прв црвен картон во Барселона!