• Мартин Танасковски

Екипата на Академија Пандев продолжи да прави промени и во нападот го ослободи Виктор Ангелов, за во периодот кој следи да донесе ново име.
28-годишникот беше дел од „златната генерација“ на младинската репрезентација на Македонија која играше на Европското првенство во 2017 година. Ангелов минатата сезона дојде во Струмица како замена за Мирчевски, а иако летово бараше нова средина, сепак, продолжи со настапите за „пандевци“.
По крајот на полусезоната и разочарувачките резултати, Академија Пандев ќе прави целосен ремонт. Се ослободи од неколку играчи, а најновиот кој доаѓа на листата е македонскиот напаѓач.
Академија Пандев има разочарувачка полусезона и се наоѓа на претпоследното место во ПМФЛ. Струмичани ги чека тешка борба за опстанок во пролетта, најавени се повеќе новитети за екипата да си ја заврши мисијата.
Претходно Ангелов покрај за Академија Пандев во кариерата настапуваше за Работнички, Тетекс, Металург, Шкупи, Ујпешт, Широки Бријег, Волунтари, а во младинската кариера беше дел од Борусија Дортмунд и Шалке 04.